септември 21, 2018

10 години соработка на Црвен крст на град Скопје и Американската амбасада во Скопје, 10 години во служба на хуманоста

Низ изминативе десет години, преку заедничката иницијатива на Црвен крст на град Скопје и Амбасадата на САД во Скопје, пруживме помош и поддршка кон ранливите категории, придонесовме во ублажување на потребите на ранливото население, а преку крводарителската акција станавме препознаени во заедницата како еден позитивен пример за индивидуална и општествена одговорност. Традиционалната крводарителска и прехранбено собирна акција стана препознатливо обележје во нашиот град, настан кој е масовно посетен од голем број наши пријатели, соработници, поддржувачи, донатори и секако крводарители. Настан кој низ годините мотивираше, поттикнуваше, ги зајакна партнерските релации помеѓу Црвениот крст и Амбасадата на САД на повеќе нивоа.

Почетоците на оваа соработка беа во 2009 година, поврзани со американскиот национален ден за служба и сеќавање на жртвите од 11 септември. Преку крводарителската и собирна акција за прехранбени продукти, одбележувањето на овој ден ги понесе во себе препознатливите обележја на хуманост, солидарност и сплотеност помеѓу народите во моментите кога сме најмногу потребни едни на други.

Во текот на овие 10 години 2 202 лица даруваа крв и на тој начин ја покажаа својата хуманост и дадоа придонес за заедницата. Покажавме дека хуманоста не познава граници, а крводарителството е чин кој е побуден од високо алтруистички побуди. Започнавме со 87 дарители во 2009 година, 117 во 2010 година, 120 во 2011 г., 68 во 2012 г., 186 во 2013 г., 229 во 2014 г., 304 во 2015 г., 320 во 2016 г., 378 во 2017 г. и рекордни 393 во 2018 година.

Собраната количина од 12 тони храна и 250 000 денари низ изминатите години, беа донирани од партнерите и соработниците, меѓу кои голем дел од другите Амбасади во РМ. Од нив се подготвија и дистрибуираа 1 880 пактеи со прехранбени производи, и директно е помогнато на 7 520 лица од различни ранливи категории. Изминатите две години,  придонес во акцијата дадоа и Американските катчиња во Скопје, Тетово, Штип, Битола и Струга каде исто така беа организирани собирни акции.

Како позитивен пример за директна помош на семејства и поединци е поддршката кон И.С од Куманово, на кого минатата година му се случи сообраќајна несреќа по која, за жал, мораше да му се ампутира десната потколеница. Му беше потребна поддршка од заедницата за да ја надмине состојбата и да се најде решение за новонастанатата ситуација. Финансиските средства собрани за време на Традиционалната крводарителска акција која Црвен крст на град Скопје ја реализира во соработка со Американската амбасада, минатата година, беа наменети за Ивица. Тие средства беа само еден дел од потребните средства за неговата протезата за нога.

Дел од собраните финасиски срества во 2016 година се наменија за З. Ѓ. од Скопје на која и се помогна за повторен приклучок во мрежата на ЕВН, со  плаќање на заостанатиот долг кон компанијата . Со оваа иницијатива, го олеснивме  секојдневието и живот во нејзиниот дом.

Во 2015 година, го решивме долгогодишен проблем со кој се соочуваше семејството Ѓуровски со асфалтирање на патот од куќата до улицата и кој дополнително создаваше проблем околу грижата за ќерката со хендикеп, во случаи кога треба да се однесе во некоја установа (здравствена, образовна или пак социјална установа).

Во акцијата секоја година беа вклучени 30 волонтери од Црвениот крст на град Скопје и Општинските организации на Црвен крст, 20 лица од Институтот за Трансфузиона медицина и 10 професионалци од Црвениот крст.

По повод десетогодишниот јубилеј, Секретарот на Црвен крст на град Скопје г-ѓа Сузана Т.Пауновска на Американската амбасада и додели плакета за досегашната поддршка на општествено-хуманитарните активности на Црвен крст на град Скопје. Истата му беше врачена на Американскиот Амбасадор г. Џес Бејли.

< врати се назад