март 18, 2019

17-март –Ден на формирањето на Црвениот крст на РМ и Ден на крводарителството во РМ

Во пресрет на 17-март –Ден на формирањето на Црвениот крст на Република Македонија и Ден на крводарителството во Република Македонија, Црвениот крст на Република Македонија оваа година на 15-ти март денот го одбележа работно и свечено.

Работниот дел започна со одржување на четврта седница на Собранието на Црвениот крст на Република Македонија за мандатниот период 2017-2021 година. Согласно одредбите од Статутот, на седницата се потврдија Програмата за работа и Финансовиот план за 2019 година а се усвоија Годишниот извештај за работа и Годишниот финансиски извештај за 2018 година. Пред присутните свое обраќање за овие документи поднесe д-р Саит Саити, Генерален секретар на Црвениот крст на РМ.

Свечениот настан се одржа во Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, и свое пригодно обраќање имаше д-р Ромел Велев, претседател на Црвениот крст на Република Македонија кој се осврна на улогата, задачите и целите на Организацијата. 17- март е значаен ден за крводарителството а поддршката пристигнува од министерството за здравство, Институтот за трансфузиона медицина и други институции. Свечениот настан е збогатен со присуство на Д-р Венко Филипче, министер за здравство, Др. Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина градоначалникот на општина Велес г-дин Аце Коцевски, градоначалникот на општина Градско г-дин Роберт Бешовски, кои во своето обраќање ја истакнаа соработката со Црвениот крст и хуманоста на крводарителите.

Со Одлука на Раководниот одбор на Црвен крст на РМ со финансиски средства се наградени трите најуспешни општински организации на Црвен крст – Велес,  Центар, и Виница а вкупно 17 Општински организации кои го надминале планот на крводарителството за 2018 година (Битола, Карпош, Делчево, Чаир, Валандово, Крушево, Неготино, Крива Паланка, Струга, Кавадарци, Пробиштип, Гази Баба, Штип, Свети Николе) добија признанија-Плакети, согласно Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во РМ која секоја година ја донесува Владата на Република Македонија. Честитајќи го овој празник, Црвениот крст на Република Македонија оддава признание и благодарност на сегашните и идни крводарители кои со чинот на крводарувањето спасуваат нечиј живот, како и на сите волонтери и членови на оваа најмасовна хуманитарна организација. Нека е честит денот.

< врати се назад