декември 5, 2017

5 – ТИ ДЕКЕМВРИ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА ВОЛОНТЕРСТВОТО

Црвениот крст на Република Македонија како и секоја година, така и денес на 05.12.2017 го одбележа 5-­ти декември, Светскиот ден на волонтерство кој го прославуваат над 17 милиони волонтери од целиот свет во рамките на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Волонтирањето претставува исклучително значаен сегмент на заедниците насекаде во светот. Придонесот на волонтерите го подобрува животот на ранливото население со кое работат и го подобрува животот на волонтерите и нивните заедници.

Свечениот настан се одржа во Порта Македонија и се обратија претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, проф.д-р. Ромел Велев кој во свое име и во името на Црвениот крст на Република Македонија им го честита Светскиот ден на волонтерството на сите волонтери. Тој истакна дека бенифициите од волонтирањето многупати се поголеми и пошироки отколку самата вредност од извршената работа на волонтерите. Волонтерите честопати самите имаат корист од активноста преку учење нови вештини, развивање на општествената доверба и стекнување нови пријатели. Сите луѓе може да бидат добри волонтери. Да се има луѓе на различна возраст, етничка група, верска припадност итн., е позитивна предност за организацијата на Црвениот крст на Република Македонија. Тоа ја потенцира пораката дека националното друштво е непристрасна и неутрална организација, и дека не прави дискриминација против никого  заради било каква причина.

Во продолжение на свечениот настан, Претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, проф.д-р. Ромел Велев, врачи благодарници за волонтерски достигнувања и посебни заслуги во остварувањето на хуманитарните целите и задачите на Црвениот крст на Република Македонија на: Благое Климкаров, Аријан Лимани, Александра Сандева, Илија Глигоров, Катерина Трајковска, Хесад Османи и Никола Чаушевски.

Исто така потпретседателот на Црвениот крст на РМ г-дин Димитар Каракулев врачи симболичен поклон за двајца мигранти (брат и сестра) Сафуат и Рама Естеф кои волонтираат во активностите на Црвениот крст на РМ за поддршка на останатите мигранти кои транзитираат низ Република Македонија.

 

< врати се назад