март 27, 2017

Дарувањето крв-гордост и привилегија

Месец март во Црвениот крст на Република Македонија традиционално со години наназад е месецот во кој го одбележуваме Денот на формирањето на Црвениот крст ан РМ, 17 Март но и го празнуваме хуманиот чин на дарување на крв и им оддаваме благодарност на илјадниците дарители на драгоцената течност која многу често значи живот.

Црвен крст на Република Македонија-Општинска организација Центар овој 17 март има посебен повод за празнување кога зборуваме за крводарителството. Минатогодишните 5345 остварени крвни единици или 236,9% остварен план согласно Програмата за крводарителство на Република Македонија ја издигна Општинската организација Центар на виското прво место за постигнати резултати на планот на крводарувањето во 2016-та година.  Голема чест но уште поголема одговорност за во иднина.

По тој повод во општинската организација беше организиран свечен прием на кој Претседателот на Општинската организација Центар, Проф др. Сунчица Димитријоска додели признанија на најистакнати крводарители, од кои 2 за 75 дарувања и 7 за 50 дарувања на крв. Дека ваквите настани многу им значат на овие хумани луѓе покажуваат зборовите на благодарност кои ги искажа г-ѓа Петковска Нада, крводарител од Комерцијална банка за признанието кое го добие за своето 50-то дарување на крв.

*Дарувам крв од мојата рана младост и уште од почетокот чинот на испружената рака за да спасам нечиј живот ме правеше и сеуште ме прави горда и привилегирана на некој начин. Горда затоа што помагам некому, а привилегирана затоа што на некој начин се разликувам од другите, се разликувам по мојата хуманост. Планирам се додека ме служи здравјето, а верувајте дека овие 50 пати дарување крв ми го одржаа моето здравје, ќе продолжам и се надевам дека во некоја следна прилика ќе зборуваме и за моето следно признание за 75 дарувања.*

< врати се назад