март 18, 2015

СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАН 17 МАРТ

Јубилејот 70 години Црвен крст на Република Македонија под мотото “ЧЕКОРИМЕ ЗАЕДНО”, на 17 Март 2015 година се одбележа со низа настани и активности.

Младите волонтери на терен на улица Македонија пред очите на јавноста ги промовираа хуманите вредности на Организацијата, а граѓаните и случајните минувачи имаа можност директно да се запознаат со активностите.

Теренската активност беше проследена од страна на претставниците на Националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина, Меѓународен комитет на Црвен крст и Меѓународна федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, кои беа гости на Црвениот крст на Р.М по повод одбележувањето на овој јубилеј.

Централниот настан – Свечена академија се одржа во Македонскиот народен театар под покровителство на д-р Ѓорѓе Иванов, Претседател на Република Македонија.

Во присуство на претставници на државни, јавни, владини и невладини организации, компании, верски заедници, амбасади, странски делегации, членови и волонтери на Црвениот крст, свое обраќање имаше претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, др. Милчо Трајков.

Исто така свое обраќање имаше и Претседателот на Р.М д-р Ѓорѓе Иванов кој истакна дека хуманоста не започнува кога за тоа ќе се создадат соодветни услови или кога приликите ќе го дозволат тоа, туку штом ќе се чуе дека некој има потреба од помош, независно од етничката, религиската, јазичната, социјалната или која било друга припадност.

На Академијата, во знак на благодарност за поддршката во равојот на Организација се доделени признанија Златен медал на Црвен крст на д-р Ѓорѓе Иванов, Претседател на Република Македонија и на Австрискиот Црвен крст. Јубилејни плакети се доделени на Mеѓународна Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина, Меѓународен комитет на Црвен крст и Црвена полумесечина, ЕВН Македонија, Алкалоид АД Скопје, Комерцијална банка АД. Скопје, проф. д-р Јован Тофоски (постхумно), г-дин Коце Трајановски градоначалник на град Скопје и на г-дин Неџат Елмази.

Во име на добитниците на признанијата се обрати Градоначалникот на град Скопје г-дин Коце Трајановски.

Програмата беше збогатена со прикажување на документарен филм и со музички изведби на Маргарита Христова “Човек со човек бидува”, Синтезис “Помолила бога Маца”, Агим Хајрулаху “Кога месечината изгрева” и на Трајче Ѓеоргиев “We are the world”.

 [tribulant_slideshow gallery_id=”1″]

< врати се назад