мај 8, 2015

Одбележување на 8 Мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

DSC_0302

Црвениот крст на Република Македонија на 8 Mај со почеток во 10:30 часот во просториите на Црвен крст на Република Македонија свечено го одбележа 8 Мај Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина во соработка со своите членови, волонтери, вработени, соработници и партнери.

Свечениот настан го отвори претседателот на Црвениот крст на Република Македонија г-дин Милчо Трајков кој истакна дека на овој ден во сите 189 национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина празникот се одбележува под едно заедничко мото Нашите Принципи во акција во рамки на 50 годишнината од усвојувањето на Основните принципи на Движењето.

Во годината кога се одбележува 70 годишниот јубилеј од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија и 20 години од приемот на националното друштво за рамноправен член на Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Црвениот крст на Република Македонија во знак на благодарност за волонтерскиот придонес и за поддршката во развојот на националното друштво додели јубилејно признание – Јубилеен Знак на Дарко Тофоски , Живко Поповски, Илија Цветаноски, Јован Дамјановски – поранешни претседатели на ЦКРМ, Michelle Osmanli,  извршен директор на американска стопанска комора  во Македонија и на Ристо Пискачев волонтер кои имаат дадено посебени придонеси во развојот на Црвениот крст на Република Македонија.

На овој свечен настан беше промовирана и поштенската марка од страна на генералниот директор на Македонска пошта г-дин Фаадис Реџепи изработена во соработка со Македонска пошта, со што дополнително се промовира заедничката заложба за похумано општество.

Оваа јубилејна година ни дава можност да ја потсетиме јавноста, нашите партнери и креаторите на политиките за значењето на улогата која сите чинители на хуманитарниот ланец ја имаат во општеството преку спасување на животи, помагање според потребите и менувањето на размислувањата и предрасудите во околината со постојана примена на Основните Принципи на Движењето и контуинирано промовирање на нивното трајно значење.

Црвениот крст на Република Македонија им го честита 8 Мај на сите волонтери, членови, вработени и свои соработници.

< врати се назад