март 7, 2017

Да помогнеме да се промени тажната судбина на сиромашното семејство Додевски од Скопје

Никој не заслужува да преживува наместо да живее или да се измачува во тешки околности. Сепак, реалноста не е сјајна и околу нас има многу семејства на кои очајно им е потребна помош.

Семејството Додевски од скопската населба Драчево секојдневно се бори за пристоен живот.

ЖИВОТ ВО СИРОМАШТИЈА

Петчленото семејството живее во стан на државата, за кој плаќа минимална кирија. Излишно е да се каже дека условите се ужасно лоши. Ѕидовите се прекриени со влага и мувла, а имаат на располагање само една спална соба во која спијат сите заедно. Мебелот е пред распаѓање, а низ домот можат да се видат лебарки и други инсекти.

Таткото работи за да им овозможи барем скромен живот на најмилите, додека мајката е спречена да работи, бидејќи боледува од леукемија и ХПВ-вирусот.

Девојчињата се на возраст од 3, 9 и 11 години. Ним им недостига училиштен прибор, како и облека и обувки.

АПЕЛ ЗА ПОМОШ

Волонтери на Црвениот Крст ги насочија своите напори да му помогнат на семејството. Тимот составен од Дора Симоновска, Мира Милеска, Ивана Димова, Марко Груевски и Магдалена Бојковска е решен да ја промени судбината на семејството.

Како да помогнете?

Со цел да му ги подобрат условите за живот на семејството, волонтерите од Црвен крст организираат низа активности:

  • Продавање на рачни изработки за Денот на жената (8ми март) пред ТЦ Бисер.
  • Хуманитарен концерт во Дом на АРМ на 12 март. Под мотото „Во потрага по изгубените насмевки“, во концертот ќе земат учество ансамблите за народни песни и ора Кочо Рацин, Орце Николов, Глигор Прличев, Никола Јанков-Вапцаров и Китка. Картите за концертот ќе бидат со цена од 100 денари, а со цел да се соберат што е можно повеќе донации, истите ќе може да се купат и на влезот на денот на концертот.

Покрај овие акции, се бараат хумани луѓе кои на каков било начин можат да му помогнат на семејството. СЕКОЈА ДОНАЦИЈА Е ВАЖНА!

< врати се назад