јануари 27, 2017

Спасен живот

Спасен од премрзнување. Како што го нарекуваат – „шумскиот човек”, 61 годишниот бездомник – Тошо Лазаров, кој повеќе од десет години живее во лимена барака над градот, кај Струмина чешма, вчера е спасен не само од ниските температури, туку и опасноста да биде нападнат од дивите животни.

По дојава на сосед од околните викенд куќи, волонтерите од Црвениот крст, социјалните служби и лекарите од приватната здравствена установа „Самарџиски”, ја започнале акцијата за негово спасување. Траела речиси пет часа, но успеале жив да го извлечат оттаму и да го донесат во градот. Бил премрзнат и гладен, а последен пат соседот му дал леб пред една седмица.

Се жалеше дека му е многу ладно, успеавме да го донесеме во градот и во клиничката болница. Потоа го згриживме во студентскиот интернат „Браќа Миладиновци”. Грижата за него понатаму ќе ја превземе неговото семејство.

Приказната за „шумскиот човек” овојпат има среќен крај. Сега за него ќе се грижи семејството во Скопје. Инаку, лани тој беше згрижен во манастирскиот комплекс „Света Недела”. Доби кров над глава, облека и храна. Но, не издржа долго таму. За кусо време тој повторно се врати да живее кај Струмина чешма.

 

< врати се назад