август 15, 2017

Иселениците од САД обезбедија спасувачи на Дебарското Езеро

Црвен крст во Дебар обезбеди обука на шест спасувачи кои работат на брегот на вештачкото Дебарско Езеро. Парите за спасувачите ги дава татковинското здружение „Дибра“, на дебарските иселеници од САД.

За прв пат на Дебарското Езеро оваа лето има спасувачи. Потребата од спасувачи е долгогодишна, но досега тоа не се случи, бидејќи недостигаа средства за реализација на проектот. Во ова вештачко езеро речиси секоја година во летниот период има жртви. Поради ваквата состојба пред повеќе години беше покрената иницијатива за воведување екипи во текот на летото, како спасувачи на плажата, бидејќи во летниот период бројот на младите кои се разладуваат во водите на езерото е голем.

„Повеќе години дебарчани го чекаа овој момент. Потребата од спасувачи на отворени води беше постојана. Проблемот беше во немањето на средства за да се обезбеди екипа на спасувачи. Ние како организација на Црвен крст обезбедивме обука на шест спасувачи кои сега имаат и лиценци, додека материјалната поддршка е целосна на татковинското здружение „Дибра“, на дебарските иселеници од САД. Цел на оваа екипа на спасувачи е превентивното делување на истите и контрола на местата одредени за капење, но исто така и брзо и ефикасно делување во случај на несреќи, односно давења“.

Во општинската организација на Црвениот крст во Дебар информираат дека во соработка со раководството на здружението на дебарските иселеници во САД, се планираат и други проекти поврзани со летниот живот на младите во Дебар. Покрај другото се очекува да се спроведе проект за уредување на плажата како и одржување на хигиената на платата на брегот на дебарското езеро.

Секое лето во родниот крај во Дебар престојуваат околу три илјади иселеници од САД, од кои најголемиот дел се млади. Инаку според податоците на здружението на иселениците во САД од Дебар и регионот, таму живеат околу 15 илјади дебарчани.

< врати се назад