март 1, 2018

КАКО ВОЛОНТИРАЊЕТО ВО ЦРВЕН КРСТ МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ И ЗОШТО ИСТОТО БЕШЕ МОЈАТА НАЈДОБРА ОДЛУКА ДОСЕГА

Во училиште не учат дека таа институција е нашиот втор дом. Кога спортуваме нешто, не учат како тимот и клубот се нашиот втор дом. Но, што е тоа втор дом во суштина? Дали е тоа место каде што ќе можеш безгрижно да заспиваш кога си уморен? Или е место каде што можеш потајно да крадеш од благото кое е направено за гостите? Не, втор дом не е ништо од ова. Втор дом не е местото каде што имаш луѓе кои ти се како втори родители, ниту пак место каде што ќе се дружиш со браќа или сестри од друга мајка. За мене, втор дом е место каде што безгрижно изнудуваш илјада насмевки во секунда. Место каде што без срам си кажуваш искрено што ти се допаѓа. Место каде што се прегрнуваш со луѓе кои одвај ги познаваш, но сепак ти се најдраги. Втор дом е место каде на почетокот си странец и се плашиш од истото, но подоцна, тој втор дом станува твојот прв дом. Место каде што со нетрпение чекаш да одиш. И од кој со муртење излегуваш. Не затоа што времето кое си го поминал таму, не било убаво, туку затоа што тоа време за денес завршило.

За мене, втор дом е Црвениот Крст. Тоа е местото кое беше исполнето со странци, кога го посетив за прв пат, но денес е место на кое делам насмевки и моменти од мојот живот заедно со истите тие странци. Црвен Крст се всушност луѓето кои неуморно се смеат и сакаат. Оние кои наутро се будат со прашањето: “Кого ли да усреќам денес?”, а заспиваат со помислата: “Боже, колку само луѓе насмеав денес”. Првиот пат кога посакав да ја посетам оваа институција, се премислив на половина пат. Волонтирањето таму го замислував како непотребна обврска и губење на време во својот веќе доволно исполнет распоред. Но, еден ден, бев принудена да ја посетам институцијата како наредба од училиште. Имаше презентација за тоа што е всушност Црвен Крст и да бидам искрена, потајно се радував што ќе одам, затоа што сакав да дознаам зошто институцијата е толку популарна во нашиот град. И не се покајав. Останав маѓепсана и запрепастена. Ми беше криво, затоа што почувствував како да сум пропуштила многу што не сум отишла порано. Не размислував два пати кога влегував, со страв секако, но влегов. Иако сум волонтер со најкраток стаж тука, тоа не значи дека не припаѓам овде. И знам дека и сите други знаат дека припаѓам овде.

Затоа што овде научив да се смеам до тој степен што мојата смеа ќе одекнува и погласно од нечии страдања. Затоа што научив како да бидам среќна и задоволна со она што го имам. Некои го немаат ни тоа. Затоа што научив дека срцето кое го носиме на левата страна не е направено за патење после некоја површинска љубовна романса, туку направено е за да сака и помага. Тоа срце е направено за да биде дел од Црвен Крст. Не плашете се да го направите првиот чекор кон оваа институција. Не мислете дека не припаѓате тука затоа што не сте направиле хумано дело досега.

Секој припаѓа тука, затоа што секој може да помогне на овој или оној начин. Откако сум дел од Црвен Крст, многу нешта добија смисла и значење. Научив како неуморно и безусловно да помагам секому кога ќе затропа на врата. Научив дека луѓето со кои шириш љубов и помош се оние кои треба да ги чуваш засекогаш. Не размислувајте два пати, затоа што знам и верувам дека секој од вас барем малку сака да биде дел од Црвен Крст. Земете ме за пример, затоа што ако јас, девојче кое е тука само една година, кажувам вакви работи за оваа институција, бидете сигурни дека вреди. Нашата врата е отворена за сите оние кои сакаат да го пронајдат своето второ семејство и својот втор дом. Станете волонтери во Црвен Крст за еден ден да имате што да им раскажувате на оние кои се уште мислат дека Црвен Крст не е добра организација, а при првата потешкотија не бараат нас. Бидете и Вие Црвен Крст за да можете секој ден да бидете горди на себеси за тоа што сте.

 

Девојката од соништата

< врати се назад