март 22, 2017

КРВТА НЕ СПОЈУВА СИТЕ НАС- СПОДЕЛИ ЖИВОТ, ДАРУВАЈ КРВ !

Нашето мото: “Крвта е таа која секогаш треба да го чека пациентот, а не обратно“ не мотивира за континуирана активност на полето крводарителство

Доброволното дарување крв претставува одраз на високи етички, хуманирани и морални вредности. Да се дарува крв и да се спаси нечиј живот, воден од алтруистички побуди е благородно дело. Во нашата земја, крводарителството се темели на принципите на доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурна крв и крвни продукти. Со самото дарување на крв, крводарителот изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност. Активностите на полето крводарителство се координирани со Институтот за Трансфузиона медицина на РМ.

Црвен крст на град Скопје, со координативна улога помеѓу 5-те Општински организации на Црвен крст во Скопје, постојано е активен во промовирањето и унапредување на крводарителството на територија на нашиот град. Таа промоција ја реализираме преку 2-те редовни крводарителски акции (по повод 26 Јули и 13 Ноември), крводарителската акција во соработка со Тоше Фан форум клубот, крводарителската акција во соработка со Американската амбасада во РМ во знак на сеќавање на жртвите од 11 Септември, гостувања во медиуми, Клубот на крводарители, Клуб 25 – клуб на млади крводарители мотиватори, печатење на промотивни материјали и информативни флаери, мотивирање на младата популација.

Чекор понапред во процесот на унапредување на крводарителството на територија на град Скопје претставува и работењето на Центарот за дарување крв “Нова локација за Вашата хуманост”поддржан од Алкалод-Скопје и Црвен крст на Р. Македонија. Во наменски адаптираната просторија во склоп на ДХО „Даре Џамбаз“, крводарителите имаа можност својата хуманост преку чинот на крводарување да ја покажат секој работен ден 08:00-15:00 часот и сабота од 09:00-14:00 часот. Изминатата 2016 година, во Центарот за дарување крв реализирани се 2 042 единици крв.

КЛУБ 25, Клуб на млади крводарители и мотиватори

Клуб 25 е организирана форма на дејствување на млади со цел помоција на крводарителството кај младата популација и мотивирање на млади крводарители. Истиот функционира во рамки на Црвен крст на град Скопје и брои околу 20 волонтери. Активностите се насочени кон младите, кои се поттикнуваат да станат дел од големото семејство крводарители.  „Дарувањето крв стана дел од мојата животна рутина. Веќе и моите пријатели ме препознаваат како крводарител, мотиватор- позитивен пример, на што сум особено горда. Иако сум млада, дарувањето крв го разбирам како голема одговорност, чин преку кој се градиме во уште похумани личности“- вели Александра Трендевска лидер на Клуб 25.

Клуб на крводарители на Црвен крст на град Скопје

Придонес во процесот на унапредување на крводарителството на територија на град Скопје, даваат и 20- те членови на Клубот на крводарители, кои доаѓаат од различни работни организации, фирми, компании, институции. Тие се крводарители и мотиватори – позитивен пример во нивните работни средини.

Деан Стојковски, претседател на клубот на крводарители на Црвен крст на град Скопје вели: „ До сега имам дарувано крв повеќе од 50 пати. Организатор и мотиватор сум на сите крводарителски акции кои се реализираат во ОКТА, а мојот позитивен пример се трудам да го пренесам и на помладите колеги. Верувам дека дарувањето крв е висок морален чин, кој треба да се пренесе и на помладите генерации за и тие да станат дел од големото семејство хуманисти-крводарители“

< врати се назад