април 19, 2017

МЛАДИТЕ ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ ПРЕКУ ПХВ-ПРОЕКТ НА ДАУТ ЌЕ МУ ИЗГРАДАТ ТОАЛЕТ

Даут Таир е 58-годишен бездомник, кој веќе седум години живее во мала гаража во населбата Бутел. За да не му прокиснува покривот зимава самиот поставил лим и нешто што само наликува на внатрешна изолација за да му биде потопло. На оние минус 22 Целзиусови степени се затоплувал со малку дрва што ќе му ги донирале соседите и добрите луѓе, а повеќе користел струготини од блиската дрвара. Понекогаш се греел и на струја, но поради неплатен долг му ја исклучувале.

Даут некогаш живеел отмено и на „висока нога“. Бил сопственик на фирма и, како што самиот вели, заработувал многу пари во времето на Анте Марковиќ. Возел „опел калибра“, кога многумина видни луѓе уште возеле „фиќовци“. Во еден ден в раце имал и по 8.000 долари, а знаел и да загуби по 100 илјади долари во еден ден. Имал скапа облека, одел во ресторани, хотели, казина, имал убави жени, а сега нема да ја замени ниту скинатата жица на својата гитара, на која, вели, свири одлично. Најпрвин се срамел да признае и да каже дека е бездомник, но сега ги признава своите пороци и грешки, поради кои станал социјален случај. Има нарушено здравје, покачен шеќер и два пати дневно прима инсулин, а има и четири бајпаса и операција на срцето. Даут вели дека поради нарушеното здравје не може да работи тешки физички работи, но би можел да работи некоја полесна работа, како на пример, чувар. Гаражата во која живее нема кујна, нема ниту санитарен јазол, па физиолошките потреби ги извршува во маалската обложувалница оддалечена 50-ина метри од неговата гаража-дом, а за возврат таму чисти.

За неговата состојба знаат во Црвениот крст на Скопје. Младите активисти кои работат на ПХВ-проектите (Промоција на хумани вредности) ќе обезбедат пари за да му изградат тоалет. За да соберат средства ќе организираат изложба и концерти. А, со поддршка на Црвениот крст Даут веќе три години работи како бербер за бездомниците во пунктот во Момин Поток, каде што и самиот некогаш престојувал и се’ уште ги користи услугите за одржување на личната хигиена. За берберските услуги добива по 100 денари, кои со оние 1.400 денари што ги добива месечно како социјална помош, се премалку за преживување. Неговото мото е „јас сум борец и не се предавам“, а тоа е и насловот на ПХВ-проектот што за него ќе го реализираат младите од Црвениот крст. 

„Целта е да му се обезбеди тоалет, а дополнително да се направи под и покрив, со што би можеле да ја наречеме гаражата соодветна за дом. Свирката е една од активностите кои ги имаме планирано за да можеме да собереме средства со кои би можеле да ја исполниме нашата цел. За април е планирана изложба на донирани фотографии, цртежи и скулптури изработени од средношколци, а во меѓувреме се подготвуваме за „Garage sale“.

Младите помагаат во рамките на ПХВ-програмата преку која на годишно ниво се обучуваат 1.200 младинци, се реализираат 200 мали проекти и се помага на преку 3.000 лица“, вели Александра Давидович, ПХВ дисеминатор во Клубот на млади на Црвен крст на Скопје.

Нарушеното здравје го спречува Даут да врши физички работи, а порано работел како машинобравар и механичар. Не може да се врати повторно да работи ниту како менаџер. Да, Даут бил менаџер, сопственик на фирмата „Електроелемент“ што ја регистрирал во Белград во 1988 година. Како трговец имал можност да увезува и извезува се’ и сешто, но најмногу тргувал со електроматеријали. Најпрвин завршил училиште за машино-бравар, а потоа и више трговско училиште. Има завршено курсеви за машини за шиење, за ложач, за машинист, а сега учи за бербер. Има возачка за сите категории, освен за автобус. Цели 20 години бил надвор од државата, во Србија, Хрватска, Германија… Одлично зборува грчки јазик, знае англиски, малку бугарски и германски, српски и хрватски, бидејќи живеел во Белград и во Загреб. 

„Три години живеев во хотел ’Еспленада‘, а за едно ноќевање плаќав во тоа време 700 германски марки. За првпат во казино почнав да работам 1978 година во Мрдаја. Тогаш видов дека на лесен начин може да се заработат многу пари. Набрзо станав пит-бос, шеф на сите крупиери и бидејќи одлично зборувам грчки, постојано патував во Грција и носев многу богати клиенти во казиното, кои, се разбира, играа за огромни суми пари. Таа работа ми носеше многу пари и мене, а секако и процент и за сопственикот и за крупиерите. Тогаш со сопругата ја прошетав цела Европа. Животот на висока нога стана секојдневие за мене… Казината и жените ми го земаа умот, а сега сум задоволен и со она малку што го имам. Најмногу жалам што го загубив семејството“, раскажува Даут, кој од тогаш наваму го носи и прекарот Паша. 

Знае да свири на гитара и порано заработувал свирејќи на свадби. Сега, за жал, нема жици за гитарата. Бил на врвот, а сега е на дното. Ја оставил фирмата да ја водат други и заминал во Србија. Изгубил 300.000 долари и 10 години бил надвор од државата, но, кога се вратил во 2003 година, веднаш бил уапсен, како што вели, два месеци пред да застари неговото дело. Бил обвинет за фалсификување документи и осуден на казна затвор од 12,5 години. Поради нарушеното здравје и добро однесување одлежал само 6 години. Со жената се развел во 2004 година и повеќе нема контакт ниту со неа, ниту со двете ќерки. Од него се дистанцирале и сите роднини. Даут признава дека е сам виновен, а најмногу жали за семејството и сега кога повторно сака да се ресоцијализира би сакал барем да ги пронајде и да ги види, бидејќи не знае каде се.

< врати се назад