февруари 20, 2017

Мобилна екипа на Црвен крст во липковскиот регион

На патот кој води кон границата со Р. Србија, се наоѓаат с. Липково, с.Лојане е неколку други планински села. Областа е тешко проодна, посебно во зимскиот период кога наносите од снег се обилни. Но, ниту суровите временски прилики, ниту пак опасниот терен не ги колебаат мигрантите често придружувани од криумчари да минуваат низ овие предели. Оваа рута, веќе неколку месеци е пат по кој се движат илегални мигранти, пат кој се надеваат дека ќе ги однесе некаде во западноевропските земји, каде ќе започнат нов живот.

Токму оваа рута по која минуваат илегалните мигранти, носи една поинаква приказна за волонтерките, дел од мобилниот тим на Црвен крст , кои секој ден чекорат по патиштата исполнети со многу животни приказни, непријатни моменти, спас и надеж кога се чини дека е изгубена. Млади и храбри жени се дел од тимот кој за себе вели дека е мобилна екипа со предзнак храбри и одлучни. Во тимот има лекарка, парамедици, социјален работник, логистичка поддршка. Тие се професионалки кои ја започнаа професионалната ангажираност во Црвениот крст во месец Август 2016 година. Со канцеларија во с. Липково, магацинска просторија  и теренско возило, постојано се движат помеѓу групите мигранти кои ги пресретнуваат. Наидуваат на стари и изнемоштени лица, мајки, деца, болни и гладни лица. Секојдневно им укажуваат медицинска помош, дистрибуираат храна, ќебиња, облека, медикаменти. Помош имаат и од локалното население кое ги препознава како хуманистки со големо срце кои се подготвени да помогнат секогаш кога е потребно.

Приказните кои тие ги раскажуваат се тажни и исполнети со многу патешествија. Велат дека децата се најранливи, но и најхрабри. Честа слика низ изминатите месеци биле нивните солзи, беспомошен поглед и страв бидејќи не ретко патуваат без нивните родители.  Волонтерките раскажуваат за шверцерите кои ги пренесуваат мигрантите, суровиот однос кон нив, но и за спасот кој луѓето кои се одлучиле за ваков потег го бараат од тимот. „Често пати треба брзо и одлучно да се дејствува, но јас им верувам на сите членови во тимот бидејќи се професионални и снаодливи жени. Но, бидејќи и јас сум мајка, не сум спокојна додека не се вратат од патрола или акција“ – вели Сандра Томовска, координатор на овој мобилен тим.

Деновите за волонтерките од мобилниот тим се секогаш исполнети со нови предизвици, бидејќи никогаш не знаат што ќе им донесе наредното деноноќие. Тие е секогаш подготвени да помогнат, одлучни се и истрајни, бидејќи желбата да им се излезе во пресрет на луѓето во неволја кај сите нив е посилна од сѐ.

 

< врати се назад