септември 20, 2019

Национален одговор 2019

Како дел од националниот систем за справување со кризи и катастрофи, Црвениот крст во периодот од 16-19 септември 2019 зеде учество во вежбата ,,Национален одговор 2019’’ во организација на Армијата на Република Северна Македонија.
На 19.09.2019 низ пригодна свеченост на која присуствуваше и Генералниот секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија, д-р Саит Саити, беа претставени главните цели на вежбата која се реализираше изминативе три дена, но беа презентирани и впечатоците од заедничкото функционирање на институциите кои се надлежни за справување со елементарни непогоди.

Пред високите посетители, целокупната тридневна вежба беше прикажана низ 40-минутна симулација на неопходните процедури при евакуација на население настрадано при поплава по течението на реката Брегалница. Тимот на Црвениот крст кој броеше 25 волонтери, на теренот воспостави 3 центри: тријажен, дистрибутивен и сместувачки, а во функција беше и ‘Службата за барање’ (Restoring Family Links). Три теренски и едно амбулантно возило на Црвен крст беа ставени на располагање за што поефикасно справување со последиците од нотираната непогода.

Тимот за прва помош цело време циркулираше на теренот, соработувајќи со сите институции кои се од витална важност за непречено функционирање на системот за заштита од кризи и катастрофи. Дел од чинителите на овој систем во рамки на вежбата беа: Армијата и Генералштабот, Црвен крст, Општинскиот штаб за заштита и спасување на Штип заедно со јавните локални претпријатија и противпожарната бригада, Министерствата за одбрана, за внатрешни работи, за здравство и за земјоделство, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи.

< врати се назад