март 17, 2020

Обраќање по повод 17 март Ден на основањето на Црвениот крст на РСМ и Ден на крводарителството во РСМ

Почитувани,

 

17 март е значаен ден за Црвениот крст, датум кога се одбележува нашето постоење, а воедно и успехот на сите наши волонтери, вработени, поддржувачи и безброј активисти кои низ времето оставија свој белег во изминатиот пат на нашата организација. Во изминатите 75 години имавме голем број на активности кои придонесоа да се направи позитивна промена  во животот на луѓето. Преку нашата мрежа на општински организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје бевме дел од секојдневието на луѓето кои се соочуваа со разни предизвици, но бевме и со оние кои сакаа да бидат со Црвениот крст за да се чувствуваат исполнето и среќно. Особено сме горди што желбата за волонтирање и поддршка на заедниците е секогаш присутна во нашата средина. А со помош на нашите волонтери од сите генерации успеавме да бидеме поблиску до нашите корисници на услуги и сите заедно преку хуманитарната работа градевме доверба, градевме сочувство, мир и толеранција и верба во подобро утре.

Низ годините Црвениот крст даде посебен придонес во надминување на последиците од катастрофи, промовирање на безбедно живеење и спроведување на здравствено превентивни активности за заштита на животот и здравјето на населението, континуирано го промовиравме крводарителството и ги учевме луѓето како да укажуваат прва помош. Младите ги учевме како да се заштитат од разни болести и меѓусебно да се почитуваат. Социјалните активности имаа посебно место во нашата работа во изминатата година. Работевме и ги интегриравме лицата во трето доба, обезбедувавме поддршка за најмладите, ги помагавме хендикепираните, социјалните случаи, работевме со бездомниците, и раздвоените како резултат на миграции, елементарни непогоди и конфликти.

Промовиравме партнерства на меѓународен план и во државата, а нашите добри практики и резултати беа препознаени од нашите партнери од корпоративниот сектор, партнерските организации од Движењето и меѓународни агенции, што резултираше со обезбедување на значителна поддршка за најразлични проектни и програмски активности за подобрување на животот на различни категории на ранливо население. Дисеминацијата и воспоставување на семејни врски исто така играа важна улога во нашата работа за промовирање на хуманите вредности и меѓународно хуманитарно право и обезбедување на хуманитарна заштита. Работевме и спасување на вода и планина, и уште многу други активности. Накратко речено, бевме таму каде е потребно. Бевме таму каде е потребно, и кога соседите имаа потреба од помош, како што беше и случајот со земјотресот во Албанија минатата година.

И во овие тешки моменти кога нашата држава се соочува со големи предизвици по здравјето на населението, повторно сме таму. Таму каде е потребно.

 

17 март е и Ден на Крводарителството во нашата земја. Да се дарува крв и да се спаси нечиј живот е висок чин на хуманост и благородност. Благодарение на изградената свест и хуманост на илјадници наши сограѓани – крводарители, спасени се многу човечки животи. Во оваа пригода би сакале да им го честитаме денот на крводарителите, како и на нашите волонтери и вработени за одличните резултати.

 

Во идниот период  остануваме посветени на обезбедување на ефикасна поддршка во сите сфери на хуманитарните предизвици насочени кон здравјето и добро состојбата на граѓаните. Продолжуваме со обезбедување на сервиси и услуги кои се во согласност со нашата мисија и мандат. Оваа година одбележуваме и 75 години од постоење на нашата организација, горди на нашите постигнувања, подготвени да се справиме со сите нови предизвици. Подготвени сме да учиме од минатото, да бидеме подготвени за иднината, за да бидеме подобри и поуспешни, секогаш во служба на нашите корисници на услуги.

 

Благодарност до сите наши волонтери, партнери, поддржувачи, донатори и вработени за поддршката и вашето ангажирање. Со Вас Црвениот крст секогаш ќе биде тоа што е. Надеж за подобро и посреќно утре за многу луѓе во светот.

 

Нека е честит 17 Март Денот на основањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителството во нашата земја!

 

 

 

Со почит,

 

Саит Саити

Генерален секретар на ЦКРСМ

< врати се назад