декември 19, 2018

ПАРТНЕРСКИ СОСТАНОК НА ЦРВЕНИОТ КРСТ НА РМ

Почитуванa Министeрке,

Почитувани соработници и партнери на Црвениот крст,

Почитувани дами и господа,

Добредојдовте на Партнерскиот состанок кој Црвениот крст на Република Македонија го организира по деветти  пат. Целта на овој значаен настан е да се промовираат хуманитарните вредности и капацитети на Црвениот крст на Република Македонија за поттикнување на стратешки партнерства за имплементација на заеднички социјално корисни општествени проекти.

Дозволете ми најнапред да изразам голема благодарност до министерката Царовска за поддршката која Министерството за труд и социјална политика безрезервно ја обезбедува на Црвениот крст на РМ во вршење на хуманитарната работа и остварување на својата мисијата. Црвениот крст на РМ како помагател на државата интензивно работи на промоција на сопствените вредности и се повеќе настојува да се препознае како значаен партнер и пред бизнис секторот. Преку градење на заедничко партнерство и меѓусебната доверба во остварување на позитивни промени во заедниците, се зајакнува, пред се и довербата на граѓаните во општеството, во институциите на државата, Црвениот крст, здруженијата на граѓаните  и компаниите. 

Практиката во нашата земја покажува дека секоја година се зголемува бројот на компаниите кои ја применуваат општествената одговорност и се повеќе вложуваат во заштита на животната средина, социјалните програми, образованието, со што директно влијаат на одржливиот развој на локалните заедници. Во оваа насока би сакал да потенцирам дека е мошне значајна соработката на Црвениот крст и  компаниите кои се повеќе влијаат во заедничкиот развој на заедниците и се промовира поголема општествена одговорност.

Изминативе години организацијата на Црвениот крст вложуваше во градење на сопствените капацитети за да може да одговори на барањата на претпријатијата во имплементација на различни проекти за вложување во заедницата. Имплементирани се бројни заеднички проектни активности во соработка и поддршка на компании во земјата.

Она што особено е вредно да се истакне е поддршката која Црвениот крст ја обезбедува од врвните менаџери на компаниите кои со нивниот сопствен придонес овозможуваат да се остварат партнерските релации за остварување на заеднички иницијативи од општествен интерес. За одбележување е фактот дека во имплементација на хуманитарните активности се повеќе активно учество земаат и голем број на вработени од компаниите со што ја потврдуваат и нивната социјална одговорност.

Еден од клучните предизвици во имплементација на хуманитарните активности е нивната одржливост и постигнување на поголемо и долгорочно влијание во заедниците.  Создавањето на стратешки партнерства, особено со бизнис секторот може да помогне за поголемо влијание и охрабрување на принципиелна и ефективна хуманитарна акција. Во исто време е потребна системска поддршка на државата која ќе придонесе заедно со граѓанскиот сектор да се гради одржлив развој на општествените иницијативи. Од оваа гледна точка Црвениот крст на РМ се повеќе ја нагласува соработката и развој на трипартитната соработка со владините институции и корпоративниот сектор, секако и тесна партнерска соработка со граѓанскиот сектор.

Нови идеи, нови концепти кои се повеќе ќе се промовираат и преку Црвениот крст на локално ниво, преку градење на капацитети за развој на социјални претпријатија. Овој концепт кој е сеуште на почеток во Македонија, е можност да се остварат одржливи социјални иницијативи во заедниците. Социјалните претпријатија претставуваат  всушност мост помеѓу  остварување на економски социјални цели и соработката со традиционалните претпријатија. Особено е значајна соработката и поддршката од бизнис заедницата за да може да се развиваат ваквите економско социјални идеи.  Како позитивна практика би го истаканал проектот „Копче“ – пункт за употребувана облека, кој е отворен со поддршка на корпоративниот сектор.  Отворање и развој на сервиси за нега на стари и изнемоштени лица е исто така неопходна потреба. Ваквата соработка на Црвениот крст и бизнис секторот за развој на социјални претпријатија, може да се реализира преку финансирање, обезбедување на менторство, социјално волонтирање и сл.

Секако Црвениот крст на РМ останува отворен за соработка со компаниите преку имплементација на препознатливи, традиционални, но во исто време и нови заеднички иницијативи на локално и национално ниво во насока на создавање подобра и посреќна средина, со изразени вистински вредности на живеење и свест за заемно помагање.

На оваа средба дозволете ми уште еднаш да го истакнам и значењето на поддршката и  партнерската соработка  со стопанските комори во Македонија кои се значаен двигател во поттикнувањето на општествената одговорност на компаниите и нивно проактивно дејствување за развој на локалните средини и пошироко. Стопанските комори во Македонија во изминатите години на Црвениот крст му дадоа безрезервна поддршка во промоција на хуманитарните вредности на Црвениот крст на РМ, пред бизнис секторот. Стопанските комори даваат континуирана поддршка во имплементација на хуманитарни активности и кампањи наметни за помош на ранливото население преку поттикнување на компаниите за нивна вклученост и поддршка. Би сакал да се заблагодарам за нивната соработка и поддршка.

Почитувани,

Дозволете ми на крај да се заблагодарам за Вашето присуство и уште еднаш да го искажам задоволството од досегашната партнерска соработка со Црвениот крст. Се надевам овој настан ќе побуди интерес и за нови партнерства и можности за поддршка на проекти од заеднички општествен придонес.

< врати се назад