јануари 26, 2017

По повод роденденот на нашиот Тоше, неговите следбеници и фанови даруваа крв

Хуманост, емоции, младост и неговата прекрасна музика, беше атмосферата која се чувствуваше на вчерашната 13-та по ред традиционална крводарителска акција организирана по повод роденденот на нашиот Тоше. Една од најмасовните крводарителски акции во Република Македонија и оваа година ја покажа својата големина, 424 единици крв од хуманите граѓани на град Скопје и верните поддржувачи на Тоше Проески.

Нешто по што оваа акција на некој начин е поразлична од останатите е секако посебната атмосфера која секоја година ја прави големиот број на млади луѓе, следбеници на хуманата мисија која ја започна Тоше, токму на планот на крводарувањето.

За организацијата и реализацијата и на овогодишната 13-та по ред крводарителска акција, се погрижија Црвениот крст на град Скопје, Црвен крст на Република Македонија-Општинската организација Центар, Институтот за трансфузиона медицина и се разбира Тоше фан клубот. И овој пат вратите за хуманите граѓани ги отвори Домот на АРМ, во чии простории се реализираше акцијата.

< врати се назад