јули 2, 2019

ПОДГОТВИТЕЛНА РАБОТИЛНИЦА ЗА ВЕЖБАТА „НАЦИОНАЛЕН ОДГОВОР 2019“

Претставници на Црвен крст на Република Македонија и на Општинската организација Штип, на 26.06.2019 година беа дел од Главната планирачка конференција за претстојната Вежба за справување со елементарни непогоди „Национален Одговор 2019“, во организација на Здружената Оперативна Команда. Стручниот соработник за Подготвеност и дејствување при катастрофи во Црвен крст на Република Македонија, Али Самет, информираше за капацитетите на организацијата во делот на барањата на претстојната вежба, потенцирајќи дека Црвен крст продолжува да го негува партнерскиот однос со институциите кои дејствуваат во делот на справување со кризи и катастрофи. Тој изрази подготвеност Општинската организација на Црвен крст Штип да биде полноправен партнер со сите засегнати страни во рамки на вежбата која ќе се одржи од 16-ти до 19-ти септември годинава.

Meѓу присутните, покрај претставниците на Црвен крст на Република Македонија, беа и претставници на Армијата и Генералштабот, Министерствата за одбрана, за внатрешни работи, за здравство и за земјоделство, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Општинскиот штаб за заштита и спасување на Штип заедно со јавните локални претпријатија и противпоѓарната бригада, како и претставници на општинските кризни штабови на општините Виница, Кочани и Зрновци. Вежбата „Национален одговор“ е сеопфатна вежба која го опфаќа како цивилниот така и воениот сектор, односно сите владини и невладини институции кои се занимаваат со справување на елементарните непогоди предизвикани од природата и човечкиот фактор.

 

< врати се назад