март 19, 2018

Претставници на 46 национални друштва на конференција во Загреб

Од 13 до 16 март во Загреб се одржа Годишна Конференција посветена на воспоставување на семејни врски и работилница за заштита на податоци, во организација на Меѓународниот Комитет на Црвен крст и Хрватски Црвен крст.

На Конференцијата акцентот беше ставен на развивање на Стратегија на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина во контекст на обновување на семејните врски, поврзување на раздвоените семејства во кризни ситуации, но и за барање на исчезнати лица од Втората Светска војна, тема која е сеуште актуелна во Службите за барање на Националните друштва.

*Повеќе од 65 милиони луѓе во светот биле приморани да ги напуштат своите домови заради вооружени судири или природни катастрофи, а при тоа многу често нивните семејства се раздвојуваат и се распрскани на различни континенти и држави. Мрежата за воспоставување на семејни врски е пример за тоа што можеме заедно да направиме како Меѓународно Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина во делот на превенцијата од раздвојување на семејствата и повторно воспоставување и задржување на семејните врски. Силата на оваа мрежа е можноста семејствата кои бараат изгубен член да осигураат информации и канали на комуникација.* – рече на отварањето на Конференцијата Florence Anselmo , заменик Директор на Централната Агенција на Службата за барање и заштита на Меѓународниот Комитет на Црвен крст.

Anselmo исто така нагласи дека дигиталната технологија претставува сојузник во решавањето на проблемите на раздвоените семејства, но таа за многу останува недостапна, па во такви случаи од клучна важност се каналите за информирање и воспоставување на прекинатите семејни врски на Националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина.

Претседателот на Хрватскиот Црвен крст Др. Јосип Јелиќ ги поздрави присутните и го истакна значењето што токму Загреб е домаќин на оваа Конференција, чија тема е од глобално значење. 

На Конференцијата на која присуствуваа приближно 150 претставници од 46 Национални друштва од светот, меѓу кои и Црвениот крст на Република Македонија, покрај споменатите теми се зборуваше и за импликациите на уредбата на Европската Унија за заштита на податоци врз Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Регулативата на Европската Унија за заштита на податоци стапува на сила во мај 2018 година, а оваа Конфернција им овозможи на присутните прилика да ги идентификуваат потенцијалните предизвици и ускладување на процедурите со новите прописи.

 

< врати се назад