Промоција на хумани вредности

mhp

“Црвен крст во Акција-Промоција на хумани вредности” (ЦКА-ПХВ) е проект кој со години континуирано се имплементира во нашава земја од страна на Црвениот крст на град Скопје, кој е назначен за имплементатор од страна на Црвениот крст на Р. Македонија. Идејата за овој проект беше инициран уште во 1996 година од страна на Црвениот крст на Македонија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), со поддршка на Норвешкиот Црвен крст. Проектот претставува домашен производ создаден во склад со локалните обичаи и културни норми, и постојано надградуван согласно потребите кои ќе се појавуваат на теренот. Во создавањето на проектот учествувале и континуирано учестуваат многу луѓе, но за автори на проектот се сметаат Екатерина Џајковска, Херби Елмази и Дарко Јорданов.

Главната цел на ЦКА-ПХВ е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на взаемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог.

Мисијата на програмата ЦКА-ПХВ е промовирање на културата на дијалог како основен предуслов за создавање на интеркултурно општество и промовирање на активно знаење и активен однос кон животот, преку принципите и вредностите на Црвениот крст.

Подцелите на програма се создавање на дисеминациски модел за работа со младите, промоција на културата на дијалог, поврзување на дисеминацијата и хуманитарни акции, регрутирање на нови волонтери во Црвениот крст преку промоција на хумани вредности, промовирање на културата како систем од вредности и промовирање на активен приод кон животот.

Уште од самиот почеток концептот и методологијата на проектот се одобрени и поддржани од Министерството за образование на Република Македонија. Тоа се должи на многу добрите резултати кои ЦКА-ПХВ програмата ги покажува во последните неколку години, во 2004 година Црвениот крст на град Скопје потпиша договор со Бирото за развој на образованието при Министерството за образование со кои на ЦКА-ПХВ проектот стана дел од официјалниот образовен систем.

mhp

ЦКА-ПХВ проектот ги вклучува учениците во вежби со кои се намалуваат можностите за развој на ставови и однесување кои може да доведат до недоразбирање и ги афирмира позитивните културни вредности. Проектот ниту ги принудува младите луѓе од различни етнички заедници да бидат пријатели, ниту пак ги поттикнува учениците да заборават кои се тие, ниту да ја прифатат културата на другите, ЦКА-ПХВ програмата едноставно ја интензивира нивната културна свест, преку промовирање на толеранцијата, заемното разбирање и почитување на разликите, што е всушност една од задачите на Црвениот крст.

ЦКА-ПХВ циклусот на оваа програмата го следи училишниот циклус, и се состои од неколку активности. Еднодневните ЦКА-ПХВ обуки се реализираат на почетокот на проектниот циклус во секоја ООЦК. На секоја од овие обуки околу 30 волонтери од секоја ООЦК (1200 вкупно) добиваат пакет за обука кој се состои од сесии за дисеминација, препознавање на потребите на заедницата и сесии како да се подготви, имплементира и документира мал проект за помош на локалната заедница.

После оваа обука младите волонтери се подготвени да ги стават своите новостекнати знаење во пракса. Поддржани од нивните дисеминатори, тие почнуваат да ги реализираат своите мали проекти (во просек по 100 мали проекти по циклус) за помош на локалните заедници во кои што живеат. Претставниците од најдобрите и најуспешните проекти потоа се покануваат да земат учество на финалната ЦКА-ПХВ работилница. На оваа работилница учесниците ги продлабочуваат своите знаења во темата за култура, комуникација, дисеминација, а најдобрите учесници од оваа работилница потоа се селектирани да учествуваат и да го претставуваат нашето Националното Друштво на различни меѓународни настани.

За повеќе информации во врска со ЦКА-ПХВ проектот посетете го ЦКА-ПХВ делот на веб страната на Црвениот крст на град Скопје.

www.skopje-redcross.org.mk/cka_phv_krakta_istorija.htm

< врати се назад