јануари 23, 2017

ПУНКТ ЗА БЕЗДОМНИЦИ НА ЦРВЕН КРСТ

Кога температурите во градот Скопје се спуштија 15 и 20 степени под нулата, Пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје, ги отвори вратите и на Прифатилиштето кое стана преноќиште и утеха за над 40 бездомни лица кои таму добија привремено згрижување. Во периодот од 30.12.2016 до 23.01.2017 година реализирани беа 336 преспивања. Топлината во прифатилиштето, чистата постела, можноста да добијат нова облека, оброци како и помош од лекар, за многумина од овие лица значи спасен живот.

Почнувајќи од 30 декември 2016 година, бездомните лица кои се сместени во прифатилиштето, добија адекватна грижа и помош од страна на вкупно 45 волонтери и професионалци кои се ангажирани за 24 часовна поддршка во прифатилиштето, со цел истото непречено да функционира. Мобилните тимови на Црвен крст се присутни и на терен и по дојава на граѓани, веднаш дејствуваат.

Осум бездомни лица, наместо на ладниот асфалт по скопските улици, новата година ја пречекаа токму во прифатилиштето. Во пресрет пак на големиот празник Божиќ,  поголема група бездомници, волонтери на Црвениот крст и професионално ангажираните лица, заедно го прославија и најсемејниот празник Бадник, со традиционално кршење на бадникова погача со паричка.

„Иако премрзнати по неколку часовно талкање по улиците во текот на денот, бездомните лица секогаш со насмевка се враќаат во прифатилиштето, затоа што како што и тие самите велат, таму има некој кој ќе се погрижи за нив и се чувствуваат достоинствено. Топлината внатре, дружењето, како и помошта од лекар и социјален работник, за нив значи верба во новиот ден кој ги очекува веќе со наредното утро. Нивните судбини се различни, а дел од нивните животни приказни зборуваат за улицата како нивен избор за дом.“- вели Драгана Л. координатор во пунктот за бездомници.

Пунктот за бездомници на Црвениот крст на град Скопје лоциран во Момин Поток и со поддршка на градот Скопје и компаниите на територија на градот Скопје, функционира од 2008 год. Во декември 2010 беше отворено и прифатилиште (станбен контејнер) со што се зголеми капацитетот на постоечкиот пункт за 60 квадратни метри, односно 16 кревети. Градоначалникот на градот Скопје, за 2017 година најави поддршка за поставување на уште еден контејнер со што капацитетот би се зголемил за 16 кревети и санитерен контејнер со 4 туш кабини и истиот би бил поделен на машки и женски дел.

Црвениот крст работејќи согласно својата мисија и принципи, ги поздравува сите хумани иницијативи за помош на овие целни групи, но апелира на меѓусебно координирање и соработка со цел адекватен одговор на нивни потреби. Телефоните на Црвениот крст остануваат отворени 24 часа, 02/3 139 578, 071/733171 доколку граѓаните забележат лице на кое му е потребна помош да се јават за да може соодветно да реагираме.

 

< врати се назад