јуни 17, 2019

Работилница за заштита и самозаштита во случај на катастрофи наменета за образовни институции

Програмот за подготвеност и дејствување во случај на катастрофи на Црвен крст на Република Македонија во соработка со Општинската организација Црвен крст Велес на ден 12.06.2019 година во просториите на основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ од Велес, одржа работилница за намалување на ризици од катастрофи и заштита и самозаштита во случај на катастрофи за наставниците и техничкиот персонал од училиштето.

Во текот на работилницата, преку интерактивни презентации и вежби се обработија процедурите за подготвеност и дејствување согласно Елаборатот за заштита и спасување на Основното училиште како и насоки и совети за заштита на персоналот и учениците во случај на земјотрес, поплава и пожар. Работилницата ја спроведе експертски тим на Црвен крст на Република Македонија на полето на намалување на ризици од катастрофи.

Дополнително, на наставниците и техничкиот персонал им се одржа и презентација за Проектот  “Безбедни училишта и градинки“ финансиски подржан од ЕРАЗМУС+ програмата чии очекувани резултати се: воспоставување на онлајн платформа за прва помош, намалување на ризици од катастрофи како и психосоцијална поддршка во итни ситуации,  онлајн обуки за персонал во образовни институции ( градинки и основни училишта ) и подготовка на препораки за имплементација на законската легислатива во однос на намалувањето на ризици од катастрофи.

Во рамките на овие активности, во текот на месец септември ќе се организира симулациска вежба за евакуација на учениците и вработените во училиштето. Оваа вежба ќе биде резултат на обуката и ќе претставува можност за практично имплементирање на стекнатото знаење на вработените и учениците.

< врати се назад