август 12, 2019

Седумдесет години од донесувањето на Женевски Конвенции од 12 август од 1949 година.

Годинава одбележуваме седумдесет години од донесувањето на Женевски Конвенции од 12 август 1949 година. Тие претставуваат хуманитарни правила кои за време на војна мора да се почитуваат и применуваат дури и кон непријателот. Овие правила се регулирани со четирите Женевски Конвенции од 12 август 1949 година и нивните Дополнителни Протоколи. Женевските Конвенции се засновани врз идејата за почитување на поединецот и неговото достоинство. Главна цел на Женевските Конвенции е да се обезбеди заштита на лицата кои не учествуваат директно во непријателствата или не се борат заради болест, повреди или заробеништво или од било каква друга причина, мора да се почитуваат и заштитат од ефектите на војната; оние што страдаат мора да бидат помогнати и згрижени без дискриминација.

 

Почитувањето на меѓународното хуманитарно право е една од основните заложби на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина кое почива на одредбите од Женевските Конвенции и Дополнителни Протоколи. Затоа, од големо значење е постојаното промовирање на овие документи пред целните институции и поединци со цел да се обезбеди доследно почитување при воени меѓународни и немеѓународни судири.

 

Имплементацијата на меѓународното хуманитарно право како сегмент од меѓународното право кое ги обединува меѓународно-правните инструменти кои се применуваат во случаи на вооружени конфликти со цел лимитирање на последиците од истите, е прашање на кое меѓународната заедница и државите посветуваат особено внимание. Република Македонија е држава договорна страна на најголем дел од меѓународните договори од областа на меѓународното хуманитарно право. На 12 август 2019 година, се навршуваат 70 години од усвојување четирите Женевски конвенции, кои се сметаат за главни извори на меѓународното хуманитарно право. Согласно меѓународното хуманитарно право државите потписнички имаат обврски во мирнодопско време и во војна да ги дисеминираат Конвенциите и нивните Протоколи.

 

Црвениот крст на Република Северна Македонија посветено работи на промовирање на МХП и обезбедување поддршка на националните власти во хармонизација на националното законодавство со меѓународното хуманитарно право; ефективна имплементација на меѓународното хуманитарно право преку преземање и следење на практични мерки и активности; следење на развојот на меѓународното хуманитарно право и негова дисеминација во различни сегменти на општествениот живот и унапредување на соработката и координацијата меѓу надлежните институции, вклучително и обезбедување оперативна поддршка за функционирање на Националниот Комитет за меѓународно хуманитарно право со седиште во Црвениот крст на Република Северна Македонија.

 

По повод одбележувањето на 70 години од донесувањето на Женевските Конвенции, Црвениот крст на Република Северна Македонија ќе организира пригодни активности за нивно одбележувањето. Набргу од печат ќе излезе и последното ревидирано издание на Женевските Конвенции и Дополнителни Протоколи на македонски и албански јазик, изработено од страна на Црвениот крст на Република Северна Македонија со финансиска поддршка од Меѓународниот Комитет на Црвен крст.

< врати се назад