јули 9, 2019

Спроведена посета на општинските организации на Црвен крст Врање и Бујановац

Црвениот крст на РМ оваа година е проектен партнер за имплементација на Проект  „Предизвик за иновативно решение за обезбедување – Оброк за сите“, кој го координира здружението „Ајде Македонија“, финансиски поддржан од Фондот  за иновации и технолошки развој. Целта на проектот е создавање на одржливо решение кое на национално ниво ќе обезбеди систем кој ќе ги искористува пазарните вишоци со цел да обезбеди нутритивни оброци за поголеми и различни категории на социјално загрозени граѓани кои имаат потреба од нив.

Црвениот крст на Србија има долгогодишно искуство во спроведување на социјална програма за обезбедување на топол оброк за ранливи целни групи население, преку функционирање на народни кујни кои се менаџирани од нивна страна. Со цел да се добијат одредени сознанија за нивните позитивни искуства во функционирање на народните кујни, 4 јули 2019 година од страна на   претставници на стручната служба на Црвен крст на РМ, Црвен крст на град Скопје, како и претставник на здружението „Ајде Македонија“   беше направена посета на општинските организација на Црвен крст Врање и Бујановац, како и на теренски активности каде се подготвува и дистрибуира храна за ранливо население. Од 1991 година до денес во Србија континуирано се подготвуваат вкупно 33.715 топли оброци, преку 77 народни кујни кои се менаџирани од страна на Црвениот крст.  Во Белград функционира 1 кујна која подготвува топол оброк за 13.500 корисници и истата се дистрибуира  во 17 општини во градот.

Од спроведената посета имаше можност да се добијат информации кои ќе бидат корисни при изработка на предлог решение со модели подобни за институционална поддршка.  

 

< врати се назад