јули 17, 2018

Свечено доделување на сертификати за 92 персонални асистенти

Во рамки на програмата „Персонална асистенција на лица со попреченост” на ден 16.07.2018 во просториите на Владата на Република Македонија, свечено беа доделени сертификатите на 92-ца  персонални асистенти од страна на Црвен крст на Р. Македонија. Во првата фаза програмата се реализираше во 7 града во државата преку Општинските организации на Црвен крст Куманово, Гостивар, Струга, Битола, Неготино, Струмица како и Црвен крст на град Скопје. Сите кандидати кои ги посетуваа обуките во изминатиот двомесечен период успешно го положија завршниот испит и се стекнаа со државно признат сертификат. Настанот го отвори министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која имаше свое воведно излагање, веднаш потоа на присутните им се обрати и секретарот на Црвен крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска како и директорката на Агенцијата за вработување на РМ. Говор беше одржан и од страна на персонален асистент во насока на споделување на  своето искуство во делот на обуката како и потребата од персонална асистенција, а свое излагање имаше и корисник на услугата персонална асистенција. Програмата „Персонална асистенција на лица со попреченост“ има за цел да им помогне на лицата со попреченост да постигнат поголема независност и целосно да ги исполнат своите права. Персоналната асистенција се заснова на фактот дека лицата со  попреченост  треба да имаат еднакви права како и сите други и треба да овозможат слобода на избор и независно раководење на личниот живот. Во следната фаза планирани се спојувања помеѓу корисниците и персоналните асистенти како и започнување на спроведување на услугата за персонална асистенција.

< врати се назад