април 10, 2017

Свечено отварање на клубот за едукација и превенција на Црвен крст во СУГС „Цветан Димов“

Како дел од програмата на Град Скопје за активностите во областа на социјалната, детската и здравствената заштита, но и дел од проектот на Црвениот крст „Училишни клубови за едукација и превенција“, на 7 Април отворен беше клубот во СУГС Цветан Димов. За потребите на истиот, наменски е опремена една просторија во училиштето во која ќе функционира клубот, а во која учениците и одговорниот професор ќе се среќаваат, ќе одржуваат состаноци и ќе ги планираат сите наредни активности.

Училишните клубови за едукација и превенција пред сè се организирани форми на дејствување, во кои младите луѓе во училиштата на организиран начин ќе може да го поминат своето слободно време, и ќе реализираат бројни активности во рамките на општествено хуманитарните и здравствено превентивни активност на Црвениот крст. Преку училишните клубови, а со поддршка на одговорниот наставник-професор ќе се реализираат бројни активности во сферата на здравствено-превентивна едукација на младите, активности за поддршка на традиционалните календарски активности на Црвен крст, едукации од интерес на учениците, но и за самиот наставен кадар. Исто така, во рамките на проектот се печатат и промотивни и информативни флаери кои се преведуваат и на албански јазик и кои служат за пренесување на знаењата помеѓу младите по моделот на врсничка едукација, или пак се споделуваат со поширокото население преку активности кои имаат за цел да допрат до што поголем број граѓани.

На територија на град Скопје, успешно функционираат уште 20 клубови за едукација и превенција, во исто толку основни и средни училишта.

< врати се назад