септември 3, 2018

Учество на работен состанок за миграции Будва, Црна Гора

Во организација на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина и Црвен крст на Црна Гора, на 31 август 2018 година во Будва  се одржа  работен состанок на одговорните лица за миграции од канцеларијата на Европската Зона на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина од Будимпешта и претставници на националните друштва на Црвен крст на Црна Гора, Црвен крст на Србија, Црвен крст на Република Македонија, Унгарски Црвен крст и Црвен крст на Босна и Херцеговина. Претставници на Црвениот крст на Република Македонија на состанокот беа раководителот на секторот за програми, Сашо Талески и координаторот за подготвеност и дејствување при катастрофи, Али Самет.

Целта на работниот состанок  беше размена на практики и искуства на националните друштва од регионот во однос на тековните состојби со мигрантската криза  како и подготовка на оперативниот план за поддршка на мигранти за 2019 година.

На состанокот беа претставени тековните состојби и активности на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина во однос на прашањето на миграциите, моменталните состојби, финансиската состојба во однос на обезбедување на средства за активности за поддршка на мигрантите во секоја од земјите во регионот, предизвици во однос на недостаток на средства, и плановите за финансирање на овие активности за 2019 година.

На работната средба претставниците на националните друштва ги презентираа состојбите со мигрантите во изминатите неколку години, од почнувањето на мигрантската криза во 2014 па до денес, моменталната состојба и активностите во прифатните центри во регионот како и прашањето на ирегуларната миграција и потешкотиите кои произлегуваат како резултат на ова прашање. Посебен акцент беше ставен во однос на намалениот интерес на донаторите за финансирање на програмите за миграции на националните друштва во регионот. Во моментов Црвен крст на Црна Гора и Црвен крст на Босна и Херцеговина имплементираат ДРЕФ операции чие финансирање трае до октомври 2018 година додека Црвениот крст на Македонија, Црвениот крст на Србија и Унгарскиот Црвен крст имплементираат програма за поддршка на мигранти во рамки на оперативниот план на Федерација за 2018 година, за која сеуште не се обезбедени вкупните потребни финансиски средства за заокружување на програмата. Во излагањето на Црвениот крст на Република Македонија беа истакнати остварените резултати во изминатиот период, главните предизвици со кои се соочува националното друштво во моментов, особено од аспект на обезбедување на потребната финансиска рамка за заокружување на предвидените активности за поддршка во 2018 година како и потребите кои се очекувани за имплементација на оваа програма во 2019 година.

Во завршниот дел од состанокот се дискутираа трендовите и предвидувањата во однос на бројот на мигрантите кои се очекуваат во 2019 година како и потребната финансиска рамка за заокружување на потребите на мигрантите во рамки на оперативниот план на Меѓународната Федерација за 2019 година.

< врати се назад