декември 16, 2016

Улогата на Омбудсманот во заштитата на децата бегалци/мигранти

Тематски сотанок на Омбудсманите од Југоисточна Европа во организација на Канцеларијата на Народниот Правобранител на Република Македонија

Мигрантската криза што ја зафати Европа во последните две години, донесе бројни ризици и опасности за илјадници деца кои без придружба пристигнаа на тлото на земјите на Југоисточна Европа, вклучително и во Македонија. Патувајќи без нивните родители, тие уште повеќе се изложени на опасност од трговија со деца, киднапирања и посвојувања без знаење на нивните родители. На ова укажаа омбудсман-институциите од Југоисточна Европа и меѓународни и невладини организации на тематскиот состанок во Скопје на кој беа разменети искуства за улогата на Омбудсманите во заштитата на децата бегалци, со акцент на непридружуваните деца.

Заменик народниот правобранител на Република Македонија, Васка Бајрамовска Мустафа, се осврна на податокот дека државата од почетокот на кризата располага со неодредена бројка меѓу осум и девет илјади непридружувани деца кои ја поминале земјава или стигнале на нејзина територија. Се залагаме со овие деца да се постапува согласно процедурите и неодложно да им се постави старател за да ги надминат траумите, изјави таа.

Црвениот крст на Република Македонија беше поканет да учествува на овој тематски состанок, со оглед на важната улога која ја има во санирањето на последиците од мигрантската криза уште од самиот почеток, особено во делот на активностите на Службата за воспоставување на семејни врски, која со големо внимание ги третира случаите на непридружуваните деца мигранти, како единствена организација која има меѓународно признат и доверен мандат да дејствува во вакви состојби  . Ова беше особена прилика да се прикажат активностите кои на овој план Црвениот крст на Република Македонија ги реализира уште од самиот почеток на мигрантската криза во соработка со Меѓународниот Комитет на Црвен крст. Бројните правила и алатки кои Службата за воспоставување на семејни врски ги користи во својата работа и големиот процент на успешност при реализацијата на активностите, ја направи оваа служба препознатлива за организациите кои делуваат на терен, но и за владините институции кои во Црвениот крст на РМ гледаат како единствен партнер на овој план, особено кога се работи за случаи со непридружувани малолетници.

Оваа прилика беше искористена да се потенцираат и бројните проблеми со кои се соочуваат тимовите за воспоставување на семејни врски на терен, заради спецификата на ваквиот вид на активности и правилата кои мора да се испочитуваат при реализацијата на истите во нашата држава, но и во државите кои се крајни дестинации на мигрантите при спојувањето на семејствата.

Од страна на институцијата на Народен Правобранител на Република Македонија, особено беше потенцирана позитивната улога на Црвениот крст на Република Македонија во мигрантската криза на планот на воспоставување на семејни врски, посебно кога се зборува за непридружувани деца од мигрантската популација. Беше истакнато дека ваквите активности се значајни при решавањето на глобалниот проблем со огромната бројка на непридружувани деца, кои како резултат на воените дејствија во матичните држави се принудени да ги напуштаат, при што се изложуваат на бројни опасности.  

< врати се назад