За нас

Млади на Црвен крст на Република Македонија

Ние сме млади луѓе од целата територија на Република Македонија, кои преку своите активности ги шират принципите и идејата за Црвениот крст.

Волонтираме за посреќно, поздраво и поинформирано општество, во кое младите ќе можат поуспешно и поквалитетно да се оформат како личности и идни успешни лидери на светот.

Нашите волонтери се млади луѓе на возраст до 30 години, од различна националност и верска припадност, но со потреба за заедничко разбирање, пријателство и соработка меѓу сите луѓе, и заедничка цел – обезбедување на подобра и посигурна иднина.

Инвентивност, креативност, ентузијазам, позитивна енергија и меѓусебно почитување – се само дел од квалитетите на нашите волонтери.

Нашите активности се засноваат врз интересите и потребите на младите луѓе на целата територија на Република Македонија, и имаат за цел да им овозможат на младите луѓе побрзо и поефикасно да се вклучат во процесите од големо значење за општеството.

Целиот свет со сите позитивни и негативни страни е извор на нашата инспирација, а конкретните активности се раѓаат и дооформуваат во нашата канцеларија, на бул. Кочо Рацин, бр. 13, 1000 Скопје.

Структура на организацијата

Младите во Црвен крст на Република Македонија се организираат на национално и на локално ниво. Во секоја Општинска организација на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје постои форма на организирање на младите волонтери преку т.н. „Клубови на млади“. Заедничко за сите клубови на млади е тоа што нивното функционирање е во согласност со Правилникот за организација и работа на Младите на Црвен крст на РМ и Статутите во Општинските организации и Црвен крст на град Скопје. За начинот на организирање секој клуб поседува свое упатство за организирање кое го опишува начинот на организирање кој може да се разликува зависно од потребите на клубот. Во некои клубови постои разгранетост на помали организациони форми заради обемната територијална покриеност во училишта или месни заедници, а пак некаде има и ограноци на клубовите организирани за дејствување во одредени програми( Клуб 25 или клуб на млади крводарители, клуб за едукација и превенција и слично). Според последните анализи направени во 2013 година во 29 од 35 клубови на млади регистрирани се 1938 активни членови.

Во секоја Општинска организација на Црвен крст, Црвен крст на град Скопје и во Централната канцеларија на Црвен крст на РМ, постои професионално задолжено лице за поддршка на работата на младите на Црвениот крст. Во некои средини има програмски координатори, во некои координатори за млади, а во некои таа функција ја извршуваат самите Секретари или задолжено лице од тамошната постоечка стручната служба.

Соработки

Национален младински совет. Црвениот крст на Република Македонија е една од основачките организации и е активен член на Националниот Младински Совет на Македонија(НМСМ) каде го има статусот на членка „Сојуз на организации“. Преку активното учество на НМСМ, младите на Црвениот крст на РМ имаат можност да дејствуваат во и споделат искуства со други организации кои работат на прашања поврзани со младите.

Y-PEER . Црвениот крст на РМ е членка на мрежата на организации кои спроведуваат врснички едукации во согласност со меѓународно прифатени стандарди. Волонтерите на Црвениот крст вклучени во превентивните програми поминуваат обуки низ стандардизирани модули таканаречени Y-PEER стандарди.

< врати се назад