
2025-05-21
Обраќање на Генерален секретар д-р Саит Саити Свечена академија по повод 80 години Црвен крст на РСМ
Во секој од нас постојат мигови што го надминуваат секојдневието, мигови кога времето тивко застанува за да не потсети кои сме, од каде доаѓаме и каде се стремиме. Оваа свечена академија е токму таков миг.
Вашето присуство овде денес не е само обврска, ниту само чест, тоа е чин на заедничко сведочење дека вредностите постојат, дека достоинството има дом, и дека човекот, кога се води од идеалите, може да создаде нешто што го надминува него самиот.
Собрани сме тука од различни страни, но обединети во една мисла: иднината се гради со почит кон минатото и со одговорност кон сегашноста. И затоа, во ова свечено време, дозволете да Ви изразиме искрена благодарност што заедно го потврдуваме она што е суштинско – човековата врска, заедништвото и стремежот кон повисоките цели.
Добредојдовте и нека оваа вечер не поврзе не само по титули и улоги, туку по вредностите што не прават луѓе.
Оваа вечер нека биде потсетник: дека човекот не се мери по тоа што го има, туку по тоа што го дава. Не се мери времето по часови, туку по траги оставени во срцата на другите. Вистинската моќ не е во позицијата, туку во сочувството.
Понекогаш во морето на големите зборови, знаеме да ги изгубиме малите дела што носат најголема топлина. И во мигови како овие, да се навратиме на добрината што ткае надеж. Тивката добрина, таа е тивка но вечна. Да бидеме глас на тивките, рамо на слабите и светлина за изгубените.
Почитувана Претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, Вашето присуство денес е симбол на единство, достоинство и грижа за сите граѓани на нашата земја. Ви благодариме што сте со нас и што ја поддржувате хуманоста како заедничка вредност.
Почитуван Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, Вашиот глас ја носи волјата на народот и придонесува за градење на демократско и праведно општество.
I nderuar Kryetar i Kuvendit të Republikës së Maqedonisë së Veriut, Afrim Gashi, Zëri juaj përfaqëson vullnetin e popullit dhe kontribuon në ndërtimin e një shoqërie demokratike dhe të drejtë.
Почитуван Прв заменик-претседател на Владата Изет Меџити, Вашата поддршка претставува вреден придонес кон хуманата иднина на нашето општество.
I nderuar Zëvendëskryeministër i parë i Qeverisë, Izet Mexhiti, Përkrahja juaj përfaqëson një kontribut të çmuar drejt një të ardhmeje humane të shoqërisë sonë.
Почитувани министри, пратеници, градоначалници, претставници на Владата, правосудството, државните и образовните институции, Вашата визија и посветеност на општото добро се клучни во создавањето на услови за просперитет, социјална кохезија и хуманост.
Почитувани амбасадори, Ваши Екселенции, Вие го носите гласот на пријателството меѓу народите и ја зацврстувате меѓународната солидарност и заедништво.
Почитувани претставници на верските заедници, Вашата духовна сила и морални вредности нè поврзуваат во меѓусебна почит и разбирање.
Почитувани претставници на компаниите, стопанските комори и фондациите, Вие сте двигатели на развојот и хуманоста. Вашата поддршка ни овозможува да допреме до што е можно повеќе луѓе.
Драги пријатели од Националните друштва на Црвениот крст и меѓународни организации, работејќи заедно создаваме потенцијал да го менуваме светот на подобро.
Почитувани медиуми, Ви благодариме што ја пренесувате вистината, ги поврзувате луѓето и ги инспирирате за добро.
И, најнакрај, но не и помалку важно, драги волонтери и вработени на Црвениот крст, Вие сте срцето на оваа организација. Вашата посветеност, труд и хуманост се двигател на промените. Благодариме што секојдневно го спроведувате доброто во дело.
Дами и господа, Ви благодариме на сите што вечерва сте со нас и што сте дел од приказната која заедно ја градиме 80 години.
Во минатото, кога кризите беа тешки, а ресурсите ограничени, ние не гледавме само потреби — гледавме човечки лица, лични приказни, болка што бараше разбирање и рака што подава.
Денес, кога светот е побрз, но често поделен, кога луѓето се поблиску преку технологијата, а подалеку преку емпатијата — ние сè уште гледаме луѓе.
А во иднина, ние нема да гледаме само нови технологии, стратегии и предизвици — ние ќе гледаме луѓе. Ќе гледаме генерации што растат со вредности на солидарност, системи што се градат врз основа на еднаквост и грижа, и свет во кој хуманоста не е опција — туку потреба.
Затоа, нашата мисија продолжува. Бидејќи како и до сега, и утре, и секогаш — ние ќе гледаме луѓе.
Ju faleminderit që ishit pjesë e kësaj mbrëmjeje. Qofshi gjithmonë bartës të dashurisë, humanizmit dhe shpresës.
Ju urojmë shëndet, paqe dhe frymëzim të vazhdueshëm – dhe siç thoshte Nëna Terezë: “Bëhu i mirë me të gjithë. Çdo njeri që takon lufton një betejë për të cilën ti nuk di asgjë.”
Драги пријатели на Црвениот крст,
Нека оваа вечер не заврши со аплауз – туку нека продолжи во нашите срца, како повик да бидеме подобри, по-посветени и похрабри. Затоа што сè што правиме за себе исчезнува со нас, а сè што правиме за другите останува како трајна вредност што живее и по нас.
Благодарам/Ju faleminderit