
2025-09-13
Прва помош и климатски промени
На 13 септември 2025 година, Црвениот крст на Република Северна Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош под мотото „Прва помош и климатски промени“. Првата помош претставува витална иницијална интервенција која спасува животи и ја намалува сериозноста на повредите. Во услови кога климатските промени предизвикуваат сè почести и поинтензивни екстремни временски појави како топлотни бранови, поплави, суши и шумски пожари, знаењето за прва помош е од особено значење.
По повод овој ден, општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје ќе реализираат активности насочени кон подигнување на јавната свест и едукација. Ќе бидат организирани јавни настани со демонстрации на техники за укажување прва помош, работилници кои ја поврзуваат темата на првата помош со климатските промени, соработки со образовни институции и локални центри, споделување на информативни материјали и постери, како и кратки јавни обуки по прва помош.
Во активностите ќе бидат опфатени сите возрасни групи – деца, возрасни и постари лица, со цел заеднички да ја нагласиме важноста од знаењето и практикувањето на првата помош во справувањето со предизвиците на климатските промени.

