
2025-11-10
Работилница со дисеминатори за МХП
Во периодот од 07-09.11.2025 година во тренинг центарот „Солферино“ во Струга се реализираше обука за дисеминатори по меѓународно хуманитарно право која ја следеа 17 учесници од општинските организации на Црвениот крст.
Обуката се одржа во рамките на годишната програма за дисеминација подржана од страна на Меѓународниот комитет на Црвен крст.
Целта на обуката беше да се зајакнат капацитетите на ООЦК во полето на дисеминацијата за меѓународно хуманитарно право односно за промовирање на меѓународните норми пропишани во Женевските и Хашките конвенции, специфичната заштитна улога на амблемот на Црвен крст со начините на употреба, дополнителните протоколи на Женевските конвенции и други акти од меѓународното право. Посебен фокус за време на работилницата беше даден на заштита на културните обележја и знаменитости, злоупотребата на деца војници, заштита на медиумите и злоупотреба на здравствени објекти.
Во текот на првиот ден учесниците се запознаа со улогата на дисеминаторот по меѓународно право вклучувајќи сесии за нашата организација, значењето на принципите и примена за време на тековната работа, историјатот за настанокот на Движењето на Црвениот крст и специфичностите на секоја од компонентите и употребата на амблемот на Движењето.
Во вториот ден се стави акцент на работата на меѓународните акти и практични примери преку работа во групи и разгледување на студии на случаеви. Посебна сесија беше одржана за можности за одржување на специфични сесии со различни целни групи како што се припадници од полиција и армија, новинари, претставници од локална, законодавна и извршна власт и работа со млади.
Третиот ден беше посветен на споделување на насоки за работа на терен, техничка подготовка на дисеминаторите и општи правила за видливост. Беше презентирана пракса во Движењето за организирање на активности за промоција на МХП како и учество на студенти по право на „Moot court“ натпревари.
По завршување на работилницата договорено е одржување на локални работилници за дисеминација за кои е подготвен и посебен формат за известување.
