
2025-11-21
Во Кочани отворен Регионален центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка
Црвениот крст на Република Северна Македонија, препознаен по својот долгогодишен ангажман во унапредувањето на здравствената и социјалната заштита, продолжува да ги развива услугите насочени кон подобрување на благосостојбата и менталното здравје на населението.
Како дел од овие напори, денес во Кочани беше отворен Регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка. Центарот е создаден со цел да обезбеди континуирана стручна помош и поддршка за граѓаните во заедниците.
На свеченото отворање свои обраќања имаа г-дин Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на РСМ, г-дин Азир Алиу, министер за здравство, градоначалникот на Кочани, г-дин Владко Грозданов, и претседателот на ООЦК Коцани г-дин Дејанчо Арсовски кои ја истакнаа важноста од јакнење на системот за ментално здравје и од создавање достапни услуги за сите граѓани во Кочани и пошироко во регионот.
Центарот е отворен со поддршка на партнерски национални друштва на Црвениот крст од Австрија, Бугарија и Србија како и други донатори.
Отворањето на Центарот претставува значаен чекор кон зголемување на поддршката за лицата кои се соочуваат со стрес, психолошки потешкотии или социјални предизвици, со цел изградба на поотпорна и поодржлива заедница.





