Менаџмент на волонтери

Волонтерската работа е важен аспект што влијае врз способноста на општеството да се справи со различни видови на социјални предизвици и безбедносни закани и катастрофи. Заради тоа постојано се трудиме да ги инспирираме луѓето за вредностите на волонтирањето и ангажманот во Црвениот крст. Волонтерската работа претставува основа за надградба на заедниците. Волонтерството и волонтерскиот дух се суштината на работата на Црвениот крст на РСМ повеќе од 75 години.

Волонтерството и волонтерската служба, како основачки принцип и движечко јадро на моделот и етосот на организацијата, ни ја претставува директната и најблиска врска со заедниците ширум светот и ни овозможуваа социјално, развојно и хуманитарно дејствување во обем кој не е на друг начин можен.

Волонтерството е доброволно давање на услуги инспирирано единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка кое има за цел намалување на ранливоста на населението, во согласност со принципите на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Црвениот крст на РСМ на редовна основа промовира и имплементира активности за привлекување и ангажирање на соодветен број на волонтери и членови за реализација на програмите на националното друштво, обезбедување на нивна соодветна обука, надзор и редовна евалуација како и оддавање на признание за остварениот придонес, осигурување, обезбедување на соодветна опрема и психо-социјална поддршка и обезбедување на организациска поддршка за воспоставување на локални структури релевантни за задачите кои треба да се спроведат од страна на волонтерите.

“Кога ја облеков маичката на Црвен крст, срцето ми стана поголемо, умот и душата пошироки. Едноставно секогаш поубаво се чувствувам однатре со самото тоа што помагам други луѓе”. Волонтер на Црвен крст на РСМ

Преку општинските организации на Црвен крст и ЦКГ Скопје работиме на мотивирање на доброволно волонтирање во организацијата преку развој на нови, пофлексибилни, отворени и комплементарни приоди кои ќе ни овозможат создавање на поефикасна мрежа на хуманитарни работници кои работат за општото добро во нашите локални заедници.

Работиме на проширување на инклузивноста и разновидноста на нашите волонтери и ќе ги унапредуваме нашите пристапи за волонтерско управување, овозможувајќи партиципативен модел за работа и ефикасна поддршка за нашите волонтери и одавање признание за ангажманот и работата на волонтерите.

Се стремиме да ги намалиме бариерите за волонтирање кои во моментот влијаат врз одредени поединци во општеството и ќе овозможиме поголем волонтерски ангажман за постарите лица, меѓу-генерациска соработка и вклученост на лицата со посебни потреби, и други маргинализирани лица, кои можеби не биле во можност порано да се вклучат во Црвениот крст.

Работиме на донесување на соодветни политики и програми за менаџмент на волонтери и членови и системи кои се дисеминирани, општо прифатени од страна на раководството и управата на организацијата и волонтерите и членовите.

Посебен акцент ставаме на организирање на обуки за волонтерски менаџмент за обука на лицата одговорни за промовирање на волонтерството на локално ниво. Организираме обуки за ориентери на Црвениот крст кои имаат важна задача во промовирањето на волонтерството и членството во организацијата на локално ниво.

Одејќи во чекор со развојот на дигиталната технологија, организацијата има подготвено и користи софтверот за регрутирање, следење на работата и задржување на волонтерите во Црвениот крст со цел да се обезбедат тековни информации за процесот на волонтирање во организацијата. Овие информации обезбедуваа показатели за потребните активности кои треба да ги преземаме за унапредување на активностите за волонтерски менаџмент во различни програми на националното друштво.

Но она што е најважно, имаме многу волонтерски задачи во кои може да се вклучите во нашите општински организации на Црвен крст / Црвен крст на град Скопје, кои може да го исполнат вашите секојдневие во интерес на различни категории на корисници кои ги опслужуваме.

 Кои се нашите цели

  • Да имаме мотивирани волонтери кои се инспирирани и подготвени да излезат во пресрет на приоритетни потреби на ранливо население
  • Да обезбедиме зголемен интерес за членување во нашата организација со цел да обезбедиме поддршка на јавноста за активностите на Црвениот крст.
  • Постојано работиме на надградба на капацитети на нашите волонтери преку обезбедување на соодветни обуки за лична надградба и имплементација на активностите на Црвениот крст.

БИДЕТЕ ДЕЛ ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ. ПРИКЛУЧЕТЕ НИ СЕ

Се потпираме на искуствата и компетенциите на волонтерите на Црвениот крст на РСМ во дизајнирањето и спроведувањето на нашите хуманитарни активности со цел да бидеме обединети во нашите планирања, насоки и посакуван напредок.

Место за сите. Нашите човечки ресурси се нашата движечка сила. Без разлика дали сте тинејџер и сакате да научите што значи да се биде млад хуманитарец, или сте во поодминати години и продолжувате да го давате вашиот придонес во општинските организации на Црвен крст/Црвен крст на град Скопје – ве цениме и многу сте ни потребни. Додека напредуваме заедно, има можности сите да бидат вклучени во нашата работа. Иднината е светла за Црвениот крст на РСМ – заедно, преку мобилизирање на моќта на хуманоста ќе го подобруваме  животот на ранливото население и ќе ја зајакнуваме отпорноста на нашите заедници.

Сакате да ни помогнете да направиме разлика? Дали тоа што го прочитавте во ве инспирира да направите нешто?  Ако е така, тогаш приклучете се на Црвениот крст на РСМ и бидете дел од најголемото хуманитарно движење.

Зачленете се во Црвениот крст на РСМ. Станете наш волонтер.

На нашата интернет страница:redcross.org.mk, прочитајте повеќе што работиме. Приклучете ни се!

< врати се назад