септември 7, 2018

Во знак на благодарност

На 06.09.2018 се одржа свеченост по повод иницијативата за именување на улицата што ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар, да го носи името „Улица Столтенбергова. На настанот присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити како и повеќе градоначалници од скопските општини, директори на јавните претпријатија и културни институции на Град Скопје, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и советници, како и претставници на градската администрација и други претставници.

Во годината кога ја одбележуваме 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, се збогувавме и со големиот пријател и почесен граѓанин на Скопје, Торвалд Столтенберг. Неговите заслуги во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 се огромни. Скопјани го паметат по изградбата на детската болница во Козле, којашто е донација на Кралствата Норвешка и Шведска, изградбата на норвешките бараки во Тафталиџе, како и координацијата на помошта на Норвешкиот Црвен крст што пристигала во првите денови по земјотресот. Торвалд Столтенберг направи многу за Скопје и за граѓаните на овој град, но она што го остави зад себе овој голем човек се мостовите на пријателство меѓу Македонија и Норвешка, изградени од солидарност и хуманост.

 

< врати се назад