8 мај – Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и 8-15 мај – Недела на Црвениот крст на Република Македонија
Црвениот крст на Република Македонија денеска го одбележа 8 мај – Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. По тој повод беше промовирана и поштенска марка, а во рамките на своето одбележување, Црвениот крст на Република Македонија со општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје се вклучи во глобалната кампања на Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина која се одвива под мотото „Насекаде за секого“.
Светскиот ден на Црвениот крст и на Црвената полумесечина се одбележува во сите 190 национални друштва во чест на основоположникот на движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина Анри Динан, кој е роден токму на 8 мај. Во 1863 година, својата идеја Анри Динан, ја претстави во неговата историска книга „Сеќавања за Солферино“, која беше трансформирана во реалност преку создавањето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и основањата на првите Национални друштва, а потоа во 1864 година со усвојувањето на Првата женевска конвенција. Водени од основните принципи, ја мобилизираме моќта на хуманоста да спасуваме животи и го намалуваме страдањето.
Црвен крст на Република Македонија претставува единствена организација на територијата на Република Македонија, која ја сочинуваат мрежа на 34 општински организации на Црвениот крст, Црвениот крст на град Скопје, со вкупно 102 вработени лица, 10.042 регистрирани членови и 3.648 активни волонтери кои се дел од локалните заедници и претставуваат мост до нашите крајни корисници.
Настанот го отвори Претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, Д-р. Милчо Трајков кој накратко ја сподели со присутните ангажираноста на Црвениот крст на Република Македонија, како најголемото хуманитарно Движење во светот во поглед на пристап до здравствена заштита и поддршка на луѓето зафатени во , кризи, катастрофи или епидемии на вируси, истовремено обезбедувајќи храна и засолниште. Понатаму, тој истакна дека движењето обезбедува воспоставување на семејни врски и форензичка поддршка, психолошка и финансиска поддршка на сeмејствата во кои има исчезнати лица како резултат на конфликти, катастрофи или кризи. Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина е посветено на решавање на потребите на мигрантите, со цел да се обезбеди заштита и помош по должината на мигрантските патеки. Движењето одговара на потребите за неопходна вода и санитарни потреби во време на кризи и обезбедува итна помош и интервенции за спасување.
Свое излагање имаше и Генералниот директор и Претседател на управниот одбор на АД Македонска пошта-Скопје, г-дин Фаадис Реџепи кој изрази задоволство од заедничката плодна соработка на АД Македонска пошта и Црвениот крст на Република Македонија. Тој нагласи дека: Како плод на заедничката соработка е издавањето на доплатна поштенска марка по повод 8 мај – меѓунардниот ден на Црвениот крст и Црвената полимесечина, преку која сакаме уште еднаш да ја потенцираме и да ја промовираме важноста за заедничко разбирање, пријателство, соработка и траен мир меѓу сите луѓе.
.