Црвениот крст спроведе обука по Прва помош во СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје
На 07.06.2022, Црвениот крст на Република Северна Македонија во рамки на кампањата Првата помош спасува живот спроведе обука по прва помош за ученици од СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје.
Обуката ја посетија генералниот секретар на Црвен крст Саит Саити, министерот за здравство Беким Сали и министерот за образование и наука Јетон Шаќири кои искажаа силна поддршка на иницијативата на Црвениот крст за промовирање на првата помош во образовните институции.
Генералниот секретар на Црвен крст Саит Саити истакна дека првата помош е непроценлива животна вештина која младите треба да ја надоградуваат во текот на животот. Но првата помош не претставува само знаење и умеење да се изведат живото – спасувачки вештини, првата помош е гест на солидарност и хуманост, гест кој ги мобилизира луѓето и заедниците да го зачуваат и заштитат животот.
Од месец Мај 2022 година Црвениот крст на Република Северна Македонија започна со кампања по прва помош под мотото Првата помош спасува живот со која е предвидено до крајот на годината да се спроведат бесплатни обуки по прва помош за 25000 ученици од основни и средни училишта во целата земја. На овие обуки учениците ќе имаат можност да стекнат основни знаења за укажување на прва помош како брза и витална интервенција чија цел е да се спаси човечки живот, но и да се намалат компликациите од настанати повреди и инвалидитет.
Се надеваме дека голем дел од овие млади луѓе во иднина ќе станат дел од Движењето на Црвениот крст и ќе продолжат да ја промовираат солидарноста и хуманоста со што нашата земја ќе стане попријатно место за живеење.