Дисеминација

Што е дисеминација?
Во поширока смисла на зборот дисеминација е ширење на знаењата за Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, улогата и мандатот на Меѓународниот комитет на Црвен крст, Меѓународна федерација на национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина и активности на национални друштва, основните принципи на Движењето, Меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности.
 Основни принципи:
  • ХУМАНОСТ
  • НЕПРИСТРАСНОСТ
  • НЕУТРАЛНОСТ
  • НЕЗАВИСНОСТ
  • ДОБРОВОЛНА СЛУЖБА
  • ЕДИНСТВО
  • УНИВЕРЗАЛНОСТ
Дисеминацијата е една од приоритетните цели на Црвениот крст на РСМ согласно Развојниот план на Организацијата за периодот 2006-2010, како законска и статутарна обврска.
Дисеминацијата ја вршат едуцирани кадри (волонтери и професионално вработени) чие оспособување започна од 1995 година од Меѓународен комитет на Црвен крст (МКЦК), а продолжи во 2002 и 2004 година преку семинари организирани од страна на ЦКРСМ.
Во профилот на дисеминаторите опфатени се лица со мешана образовна,возрасна, полова и етничка структура.
Како целни групи на слушатели се главно ученици од основното и средно образование, студенти, претставници на месна и локална самоуправа, невладини организации и здруженија на граѓани, како и членови на раководна структура во ООЦК.

Теми кои се обработуваат на презентациите се: историјат на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумсечина, основните принципи, амблемот на Црвениот крст, мандатот и активностите на компонентите на Движењето, активности на Црвен крст на РСМ, Меѓународно хуманитарно право со Женевски конвенции од 1949 година и Дополнителни протоколи од 1977 година. Во зависност од целната група на слушатели се презентираат и соодветни теми.За презентација се користат печатени и видео материјали, прирачници, флип чартови и нагледни средства.

Специфични цели
  • Градење капацитет на волонтерска мрежа
  • Јакнење на програмата за дисеминација/комуникација
  • Обука на вработени во Организацијата на Црвениот крст
  • Дисеминациски сесии од едуцирани дисеминатори
  • Печатење и промоција на материјали
  • Истражување на хуманитарното право – програма

    ИХП – програма со сопствена структура и потенцијал, подржана од МКЦК, ЦКРМ и други национални друштва, која преку владина поддршка е интегрирана во образованието.
    Програмата за Истражување на хуманитарното право (ИХП) започна да се реализира со поддршка од Меѓународниот комитет на Црвениот крст и во образовниот процес истата се имплементира и на меѓународна и на регионална основа. Во Република Македонија оваа програма се спроведува во основно образование, додека Бирото за развој на образованието, при Министерството за образование и наука, ја следи нејзината примена во наставната програма. Програмската рамка во РСМ е прилагодена за учениците од основно образование, со кратка верзија од 9 наставни часа која е дел од наставната програма за предметот Граѓанска култура во осмо одделение. Наставната програма ја реализираат наставници кои беа обучени од тимови од тренери и инструктори. Со обука беа опфатени сите наставници од државата кои го предаваат предметот Граѓанска култура во седмо и осмо одделение во осумгодишното основно образование, односно осмо и деветто одделение во деветгодишното основно образование. Програмата за ИХП во РСМ спроведена преку Бирото за развој на образованието на РСМ, претставува една од најдобро имплементираните програми во регионот.
    Национален комитет за меѓународно хуманитарно право

            На предлог на Министерството за надворешни работи, Владата на Република Северна Македонија во месец јуни 2006 година донесе Заклучок според кој, Владата на РМ во соработка со Црвениот крст на РСМ формира Национален комитет за меѓународно хуманитарно право со седиште во просториите на Црвениот крст. Со тоа иницијативата на Црвениот крст на Република Северна Македонија за формирање на меѓуресорско тело за дисеминација и имплементација на Меѓународното хуманитарно право (МХП) во Република Северна Македонија е прифатена и завршно усвоена во месец јуни 2006 година со Заклучок на Владата на Република Северна Македонија. Во состав на Националниот комитет членуваат претставници од: Министерство за надворешни работи, Министерство за одбрана, Министерство за правда, Министерство за образование и наука, Министерство за култура, Министерство за здравство, Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, како и Црвениот крст на Република Северна Македонија.

    За потребата од проширување на составот на Националниот комитет, Министерството за надворешни работи поднесе информација до Владата на Република Северна Македонија. Во 2008 година Владата на РСМ со Одлука (Сл.Весник бр.58/2008 година) го прошири составот на ова тело со претставници на министерствата за финансии, труд и социјална политика и внатрешни работи.

    Седиштето на Националниот комитет е во Црвениот крст на РСМ и истиот работи по сопствен деловник, според кој претседавачот е од редовите на министерствата, заменик претседавачот и секретарот од Црвениот крст на РСМ.
    Националниот комитет разгледува прашања од неговиот делокруг што се однесуваат на:

    • хармонизација на националното законодавство со меѓународното хуманитарно право;
    • ефективна имплементација на МХП преку преземање и следење на практични мерки и активности;
    • следење на развојот на МХП и негова дисеминација во различни сегменти на општествениот живот;
    • унапредување на соработката и координација меѓу надлежните институции вклучително и соработката со Црвениот крст на РМ, во насока на идентификување на активностите кои произлегуваат од областа на МХП и законските обврски.

    Националниот комитет донесе национална програма за имплементирање на меѓународното хуманитарно право, за чија реализација се вклучени и претставници од други министерства и институции, како носители по одделни програми.

    Печатени и издадени материјали
< врати се назад