Кампања по повод 16 Октомври – Ден на гладта
Организацијата за храна и агрокултура при Обединетите нации проценува дека постојат 805.000.000 гладни луѓе во светот. Ова значи дека тие редовно немаат доволно храна за да живеат активен живот. Бројот на гладни луѓе во светот е уште поголем кога би се вклучиле и оние кои се соочуваат со сезонски недостаток на храна или оние кои не јадат разновидна исхрана, која вклучува протеини, витамини и минерали. Се проценува дека 26 проценти од децата во светот имаат проблем во нивниот развој поради ненахранетост, 2 милијарди луѓе страдаат од недостаток на хранливи материи. Секоја година речиси 5 милиони деца под 5 годишна возраст умираат од ненахранетост.
Светскиот ден на гладта се одбележува за да се подигне свеста на луѓето за проблемот со гладта, како и за достигнувањата на милиони луѓе кои веќе го надминале проблемот со гладта и ги задоволуваат основните потреби. Светскиот ден на гладта има за цел да ги инспирира луѓето во развиените и земјите во развој да ја покажат својата солидарност и да дадат подршка за да овозможат уште многу луѓе да го надминат проблемот со гладта и сиромаштијата и да станат независни.
Црвен крст на Република Македонија по овој повод се вклучува во одбележувањето на 16 Октомври со организирање на кампања под мотото „Помислете и на нас“.
Со кампањата, како и со многу други хуманитарни активности, Црвениот крст на РМ дава придонес во севкупните напори кои ги презема Министерството за труд и социјална политика за намалување на сирмаштијата и социјалната исклученост на граѓаните, како една од главните цели на Стартегијата, документ кој ја отсликува интенцијата на Република Македонија за изедначување на степенот на вклученост и добросостојба низ сите слоеви од општеството.
Во рамките на кампањата се организираат хуманитарни акции за обезбедување донации во парични средства и храна во соработка со образовно – воспитните институции, граѓански здруженија, како и во соработка и поддршка на компании и граѓани. Овие активности ќе се имплементираат во текот на Неделата од 16 до 23 Октомври преку општинските организации на Црвен крст и Црвениот крст на град Скопје.
Донираните средства од хуманитарните акции ќе бидат наменети за обезбедување на храна за помош на ранливото население која ќе се дистрибуира преку општинските организации на Црвениот крст.
Донациите можат да се уплатат на жиро сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на РМ 300000001327966 Даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка Скопје, како и 100 денари преку мобилните телефонски броеви: 070/075/077 143 400.