мај 9, 2024

8-ми мај – Светски Ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Секоја година, Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина го одбележува  8-мај – Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, во чест на Анри Динан, основоположникот на Црвениот крст, кој е роден на 8 мај 1828 година. По тој повод националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина на сите континенти во светот организираат пригодни активности за да се потсетиме на значењето на основните принципи и вредности на Движењето и да искажеме благодарност и признание до сите наши волонтери и поддржувачи за поддршката која ја обезбедуваат за Црвениот крст. Годинава, 8-ми мај го одбележуваме под мотото “Да живее хуманоста” како потсетник за трајната посветеност на Меѓународното Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина за поддршка на човековото достоинство и нашите напори да ги ублажуваме човековите страдањата и да им обезбедуваме помош и поддршка на луѓето кои се соочени со најразлични безбедносни, здравствени и социјални предизвици.

За жал, денес ширум светот, сеуште се водат војни, се случуваат природни катастрофи, епидемии како и социјални предизвици кои влијаат врз здравјето, безбедноста и добросостојбата на луѓето. Обединети како Движење и со поддршка на нашите милиони волонтери ширум светот ве покануваме да ни се придружите во нашата хумана мисија да продолжиме да ја негуваме хуманоста за да имаме почовечно и пољубезно опкружување во кое достоинството и добросостојбата на граѓаните ќе бидат најважни од се. Ве покануваме преку вашиот личен пример на човечност и солидарност заедно со Црвениот крст да продолжиме да ги поттикнуваме луѓето да прават добри нешта и да водат грижат за луѓето кои се нашле во невоља.

 

< врати се назад