Подобрување на социјализацијата на деца и млади со посебни потреби
Црвениот крст на Република Македонија во рамките на проектот: „Подобрување на социјализацијата на деца и млади со посебни потреби“ поддржан од страна на Комерцијална банка АД Скопје, во соработка со Заводот за социјални дејности, од 09 до 11 јуни 2013 година во Струга, организираше едукативна работилница која се одржа во Центарот за кадри на Црвен крст на град Скопје. Целта на работилницата беше да се добијат одредни знаења и вештини за пристап и поддршка на децата и младинците со посебни потреби. На работилницата присуствуваа по четворица волонтери на Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Прилеп, Кавадарци, Велес, Кичево, Делчево, Дебар и Гостивар. На едукативната работилница присуствуваше и претставник на Комерцијална банка АД Скопје, кој искажа задоволство од партнерството со Црвениот крст во имплементација на активностите наменети за поддршка на децата со посебни потреби. На едукативната работилница беа дадени предлози за идна континуирана соработка и заеднички пристап во решавање на проблемите и потребите на децата и младинците со посебни потреби во дневните центри и децата во згрижувачки семејства. Исто така беше предложено заедничките средби да продолжат да се организираат во континуитет, со цел подигање на нивото на едукација, комуникација и размена на искуства во обезбедување на подобар квалитет на животот на децата и младинците со посебни потреби.