СООПШТЕНИЕ ЗА КРВОДАРУВАЊЕ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО COVID 19 ПАНДЕМИЈА
Поради вонредната состојба во државата и спроведување на мерки и препораки на Владата на Република Северна Македонија за справување со вирусот COVID 19, Црвениот крст на РСМ и Институтот за трансфузиона медицина на одржаниот состанок на 12 март 2020 година донесоа заклучоци кои беа одобрени од страна на Министерството за здравство и испратени до сите општински организации на Црвен крст и службите за трансфузиона медицина.
Раководните структури на Црвениот крст на РСМ и Институтот за трансфузиона медицина се во постојан контакт и одржаа неколку состаноци преку скајп конференции на кои се следат актуелните состојби со резервите на крв и крвни продукти, се закажуваат крводарителски акции, одредени се деновите и работното време на службите за трансфузиона медицина и Дневниот центар за дарување на крв во ДХО “Даре Џамбаз” за самоиницијативно крводарување и се даваат препораки на ООЦК и СТМ.
Следејќи ги препораите на Министерството за здравство на РСМ, Институтот за трансфузиона медицина ги превзема сите неопходни мерки за создавање на максимално безбедни услови за крводарување, и тоа :
- Персоналот на ИТМ е дополнително обучен за спроведување на сите пропишани хигиенски мерки;
- Воведен е систем за обезбедување на соодветно растојание помеѓу дарителите на крв;
- Се практикува телефонско повикување на дарителите на крв со цел да се обезбеди континуитет во крводарувањето во безбедни временски интервали (закажување).
Активно ја следиме состојбата во врска со коронавирус пандемијата. Здравјето на граѓаните, на потенцијалните крводарители и на здравствениот персонал се на прво место.
Голема благодарност до сите крводарители, припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, припадниците на полицијата и здравствените работници кои во оваа исклучително тешка состојба за државата даруваа крв која е неопходна за опстојување и функционирање на здравствениот систем.
Следете ги препораките на Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија и останете со добро здравје и расположение.
Со почит.
Црвен крст на РСМ
Институт за трансфузионам медицина