Одржан состанок на Одбор за транспарентност
На ден 05.05.2023 година во просториите на Црвен крст на Република Северна Македонија се одржа состанок на Одбор за транспарентност за собрани донации од акцијата на Црвениот крст на РСМ за помош на настраданото население од катастрофален земјотрес во Република Турција и Сириска Арапска Република. По повод силниот катастрофален земјотрес кој на 06 февруари 2023 година ги погоди Турција и Сирија предизвика големи материјални штети, повредени и на жал човечки загуби, Црвениот крст на РСМ веднаш упати повик за обезбедување на донации во парични средства од граѓаните и правните субјекти, но и материјални добра приоритетно потребни за настраданото население. На 20.03.2023 година Црвениот крст на РСМ организираше настан со цел да се заокружи хуманитарната акција за помош.
На состанокот Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ д-р Саит Саити ги информираше присутните за преземените активности и вкупните собрани средства. Вкупно беа собрани 71 милиони денари од кои 9 милиони денари се во материјална хуманитарна помош а останатите се во финансиски средства.
Членовите на одборот направија увид на уплатените средства во Фондот на солидарност на Црвениот крст на РСМ – донации од правни субјекти и граѓани, преку финансиски документи кои беа ставени на располагање (преглед на изводи на уплатени средства). Дискутирано беше и поделбата на износите од донациите кои немаат изразена намена на средства за која земја, начинот како ќе биде префрлена односно соодносот по настанати жртви ќе се земен за сооднос за пресметка за префрлање на средства. За населението во Турција ќе се префрлат средства на сметката на Турска Црвена полумесечина додека средствата за населението во Сириската Арапска Република ќе бидат префрлени на наменскиот повик за донации на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина.