август 19, 2021

Светски ден на хуманоста

Секоја година, Светскиот ден на хуманост се фокусира на одредена тема, собирајќи ги партнерите од целиот хуманитарен систем за да се направат заложби за опстанок, благосостојба и достоинство на луѓето погодени од кризи и за безбедност и сигурност на хуманитарните работници.

Оваа година Движењето на Црвениот крст го одбележува денот под мотото “Ви благодариме хуманитарци!”, посветувајќи внимание и благодарност за сите хуманитарни работници во нашата организација.

 

А.З. (Сирија) и С.М. (Демократска Република Конго)- лица под супсидијара заштита во РСМ 

„Поради лошите состојби во мојата земја, заедно со мојот сопруг ја напуштивме Сирија и се упативме кон Грција, каде се роди нашата ќерка, а потоа дојдовме во РС Македонија. За жал, патувањето не беше лесно. Поради повреда јас и мојата ќерка останавме тука, а мојот сопруг го продолжува патувањето“. -вели А.З.

„И јас за време на бегалската криза, со семејството дојдов во РС Македонија. Останав тука со двете децата, а сопругот го продолжи патувањето“- сподели С.М.

„Во РСМ, ни се споија животните патишта со А.З.“- вели С.М. „Во Скопје спокојно живееме заедно,  како едно семејство. Си помагаме меѓусебно и безрезервно се поддржуваме во сите ситуации. Поддршката која континуирано ја добиваме од Црвен крст ни помогна да се справиме со многуте животни предизвици. Тие секогаш ни влеваа чувство на надеж дека сè ќе биде добро. Во пандемијата со Ковид – 19, лицата од ЦК постојана ни даваа психо-социјална поддршка и совети за справување со стравот и вознемиреноста. Со поддршка на Црвен крст, добив волонтерски ангажман во нивната продавница за половна облека Копче, а А. во центарот на ЦК за лица со попреченост Пролет.

Скопје е наш дом, во кој растат нашите деца.

Благодариме / Botondi mingi / شکران

Даут Т. (корисник на услугите на пунктот за бездомни лица на Црвен крст)

Животот знае да е непредвидлив. Од врвот, те носи на дното и тешко е да се излезе од таму. Имав сè, но и изгубив сè. Останав на улица, без сопствен дом и покрив на главата. Станав бездомник.

Случајна средба со мој пријател кој исто така живее на скопските улици ме поттикна да го посетам пунктот за бездомни лица на Црвен крст. Го посетувам веќе 7 години и таму редовно одржувам лична хигиена, добивам алишта, обувки, ќебиња, храна. Ме прегледува доктор и ми дава терапија ако е потребна. Црвен крст ми помага и со дрва за огрев, а младите волонтери ми помогнаа да реновирам и да се згрижам во мала гаража каде и сега престојувам. Благодарение на поддршката од Црвен крст, јас освен како корисник, ангажиран сум и како бербер во Пунктот. Редовно ги шишам и бричам другите бездомници кои доаѓаат и ги советувам дека треба да се грижат за хигиената иако се на улица.

Благодарам/ Faleminderit

Моето име е Благица, имам 71 година и 6 години сум активен корисник во Дневниот центар за стари лица при Црвен крст на град Скопје. Случајно, преку медиуми, слушнав за Дневниот центар и одеднаш добив желба да го посетам. Кога дојдов во просториите, ме пречекаа млади и прекрасни лица полни со позитивна енергија, љубезност и почит. Ми објаснија за сите активностите кои се реализираат во Центарот, но најголем впечаток ми оставија Чиконг вежбите. Бев во неверување дека и лицата во трето доба можат да вежбаат и да имаат активно стареење и после 65-тата година. Покрај вежбањето, посетувам и работилница за плетење, курс по англиски, сум присуствувала и на многу едукативни предавања, се вклучувам и како волонтер во многу хуманитарни базари и хуманитарни активности. Секогаш ќе бидам благодарна на Црвениот крст каде после пензионирањето сум активна. Исполнета и со голем ентузијазам го живеам животот во трето доба.

Благодарам хуманитарци/ Thank you humanitarians

< врати се назад