октомври 19, 2023

Почитувани,

 

Од името на Црвен крст на Република Северна Македонија дозволете да ви посакам добредојде на нашиот настан кој претставува најава на нашите стремежи да растеме и да се менуваме во периодот пред нас  и покана за сите наши партнери и поддржувачи да бидат дел од овој процес кој има за цел да бидеме уште поефикасни во нашата работа и поблиски до нашите корисници на услуги.

 

Уште од своето формирање во меѓународни рамки Црвениот крст е организација која е двигател на позитивни промени во општеството за обезбедување достоинствен и хуман однос кон  луѓето без разлика на нивната расна, етничка, верска, политичка или друга припадност. Низ нашата историја Црвениот крст секогаш се стреми да оди чекор понапред, да направи нешто повеќе, промовирајќи ја солидарноста и хуманоста, мирот, толеранцијата и соживотот како основни премиси за поддршка на луѓето кои се нашле во невоља како резултат на војни, вооружени судири, миграции, катастрофи, или се соочуваат со здравствени и социјални предизвици. Низ годините и нашата организација постојано еволуира и се менува во обид да бидеме подготвени да одговориме на современите предизвици, никогаш не отстапувајќи од нашите основни принципи и одредбите на Женевските конвенции кои ја уредуваат работата на Црвениот крст во мирновременски и вонредни состојби.

 

Во периодот пред нас се очекуваат многу промени во начинот на кој живееме и во видовите кризи и ранливости со кои веројатно ќе се соочиме. Светот околу нас се менува на сложени и меѓусебно поврзани начини што влијаат врз севкупните општествени текови, со се поголеми ризици и предизвици по населението. Се очекуваат уште поголеми демографски транзиции кои може да предизвикаат раздор и поттикнување на социјални тензии. Миграциите и движењето на население кои во континуитет се случуваат може да доведат до значителни промени во нашата социјална структура, и да преставуваат дополнителен товар врз ресурсите и социјалната кохезија, што може да резултира со  изолираност на многу заедници.

 

Политичките и економски збиднувања исто така може да резултираат со значителни поместувања и различности споредено со традиционалните трендови  што може да доведе до неочекувани социјални промени. Но, веројатно најголемиот и најдраматичен предизвик пред нас ќе биде справување со климатските промени како резултат на деградација на животната средина, зачестеноста на катастрофите и нивното влијание врз животот на луѓето. Сите овие климатски, економски, и општествени збиднувања се очекува да доведат до потенцијално поголема ранливост на населението што ќе наложи зголемено ангажирање на хуманитарниот сектор за да одговори на современите предизвици.  

 

Во вакво хуманитарно и општествено опкружување, Црвениот крст на РСМ како општествено одговорна и најголема хуманитарна организација во Република Северна Македонија, секогаш се стреми да одговори на комплексните состојби со цел да осигуриме дека она што го правиме е релевантно, фокусирано на луѓето кои имаат најголеми потреби од поддршка. За таа цел во нашата организација инициравме процес на промени кој го нарековме Трансформација-28 кој треба да ни помогне подобро да се справиме со постојните и можни предизвици преку зголемување на нашата ефикасност и унапредување на нашата работа со цел за да бидеме порелевантни во обезбедувањето на нашите услуги за најранливото население во државата.

 

Се надеваме дека овој процес на трансформации ќе ни помогне да изградиме и нов концепт на лидерство и носење одлуки каде што локалните заедници ќе ни бидат центарот на нашите промени. Нашата развојна рамка промовира разновидност и вклученост на сите што се препознаваат во вредностите на Црвениот крст и нуди можности за соработка со нашите партнери и чинители за да овозможиме позитивни промени во нашата земја но пред се да ни помогне полесно и побрзо да стигнеме до маргинализираните и изолирани заедници кај што другите не можат. 

 

Ми причинува посебно задоволство да ги поканам сите наши членови, волонтери, вработени и партнери да ни се приклучат на нашето трансформациско патување кое обединува во духот на солидарноста и хуманоста и претставува предизвик за сите нас да бидеме поуспешни, иновативни во интерес на ранливите категории на население кои ги опслужуваме.

 

Дозволете ми на крајот да се заблагодарам за севкупната и безрезервна поддршка која ни ја давате, со надеж, нашиот развој и нашите амбиции да прераснат во резултати кои ќе значат подобри услуги за целните корисници, спасени животи, насмеани лица на нашите сограѓани.

 

Ви благодарам.

< врати се назад