Односи со јавност

Oдносите со јавноста овозможуваат да се проектира имиџот на организацијата кај својата „јавност“— корисници, поддржувачи, партнери, донатори, локалната заедница и друга публика.

Споделување информации со нашите партнери, корисници, поддржувачи и јавноста

Социјалните медиуми на Црвен крст на РСМ долгогодишна заложба на Црвениот крст е отворено да споделува информации за граѓаните и партнерите и да обезбеди нивна вклученост во клучните одлуки и проектите што имаат влијание на поширокото општествено опкружување. Комуникациската стратегија на Црвениот крст е заснована на широко ангажирање во заедницата и обезбедување повратни информации од поединци и специфични фокус групи. Онлајн комуникациите се можност за поголема вклученост на луѓето во работата на Црвениот крст и поголема информираност за програмите и проектите во заедниците и можностите за вклучување во активностите на организацијата.

Неделните изданија на електронскиот весник на Црвениот крст Инфо, се успешна алатка за информирање на нашите волонтери, партнери, соработници за активностите кои ги реализираме на локално, национално и меѓународно ниво.

Традиционалните недели дефинирани во Законот за Црвен крст, како и голем број на проектни активности и стратешки документи во рамките на издавачката дејност на националното друштво и оваа година редовно беа надополнувани со брошури, флаери, постери, прирачници, доплатни марки и друг вид на изданија. Носејќи ги во себе хуманитарните пораки, се постигнаа значителни резултати кај целните групи, а воедно и позитивно се влијаеше на подигањето на имиџот на националното друштво. Сите изданија се подготвени на македонски и на албански јазик, а дел од нив и на англиски и јазик.

Соработка со медиумите е дел од активностите на Црвен крст на РСМ.

Доверба и комуникации

Сме сведоци на време кога е важно да се обезбедат јасни, доследни и сигурни информации кои се од клучно значење за обезбедување сигурна и ефективна комуникација со населението. Црвениот крст на РСМ инвестира големи напори во навремено комуницирање и пренесување на пораки кои придонесоа за заштита и превенција на населението. Тоа го правевме преку нашите традиционални форми на директна комуникација со корисниците но и преку инкорпорирање на софистицирани форми на комуницирање преку социјалните и дигитални медиуми. Сведоци бевме на значително зголемување на комуникациите и ангажирање преку социјалните медиуми на националното друштво.

Но, за да се верува на нашите пораки, треба да му се верува и на оној што ги пренесува пораките.  Придонесот и ангажманот на Црвениот крст на РСМ даваа за право да веруваме дека нашата репутација во локалните заедници е уште поголема. Довербата во нас, ни овозможува да бидеме уште  поефикасни. Посебно сме горди што во годините зад нас успеавме да прераснеме во успешна организација која е дел од севкупниот систем за кризен менаџмент на државата. Продолжуваме онаму каде застанавме, да бидеме во центарот на вниманието на оние на кои им е потребна нашата поддршка.

Дигитална трансформација

Црвен крст на РСМ направи импресивен исчекор во прилагодувањето на новата работна реалност која наложуваше виртуелна координација и управување со активностите како и виртуелно обезбедување на некои од своите услуги. Користиме различни платформи, и дигитални системи за ангажирање и обука на волонтери,  и дигитално и виртуелно координирање на некои од нашите активности. Далечинското работење стана норма заедно со обезбедувањето поддршка и справување со предизвиците со кои се соочуваа луѓето. Сведоци бевме на брзо адаптирање на ново настанатата состојба во целото Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Учествувавме и организиравме виртуелни работилници, вебинари конференции и работни средби. Дигиталната трансформација беше широко прифатена, учејќи нè што е можно виртуелно да се постигне, но и што е она што сепак мора да го направиме во директен контакт со нашите корисници на услуги. За нас секако ова ќе остане предизвик да продолжиме да го развиваме овој систем на работа во годините пред нас и да се погрижиме придобивките од дигиталната трансформација да бидат инкорпорирани во секојдневната работа дури и кога работите ќе се вратат во нормална состојба.

Се наоѓаме на крстопат помеѓу технологијата и иднината на хуманоста. Се менува начинот на размислување, нашите погледи на светот, искуствата и нашиот придонес за подобро утре. Ако сакаме да бидеме подобри луѓе, треба да се грижиме подобро за нашата планета. Да бидеме глас на хуманоста. Да работиме заедно, за иднина каде хуманоста ќе биде нашиот најтраен технолошки тренд.

< врати се назад