Red Cross ShapeЦрвен Крст на Република Северна Македонија
Годишно обраќање на генералниот секретар на Црвен крст на РСМ,  д-р Саит Саити

2023-12-29

Годишно обраќање на генералниот секретар на Црвен крст на РСМ, д-р Саит Саити

Почитувани,

Крајот на годината е време кога се навраќаме на остварените резултати, на нашите постигнувања и колку тие значеле за исполнување на очекувањата на корисниците на нашите услуги. Се потсетуваме на најголемите предизвици, на активностите на кои им посветивме најмногу внимание со цел да обезбедиме подобар и подостоинствен живот за многу наши сограѓани. Правиме ретроспектива на севкупната работа, на нашите перформанси, на нашата успешност и отчетност со цел да бидеме уште подобри и поодговорни во годината која ни претстои.

На наше големо задоволство, со поддршка на нашите волонтери и вработени и во соработка со нашите партнери повторно реализиравме многу програми, проекти, кампањи и активности во духот на принципите и хуманитарните вредности на Движењето на Црвениот крст и Црвена полумесечина. Постигнувањата значат многу како потстрек за уште поголеми успеси во иднина.

Посебно сме горди што во 2023 година ја спроведовме големата национална кампања за населението погодено од земјотресот во Турција и Сирија, при што мобилизиравме 63.000.000 денари хуманитарна поддршка за двете земји погодени од катастрофата. Горди сме и на организацијата на големата симулациска вежба “Хуманитарен Одговор 2023” со која покажавме дека Црвениот крст може да даде голем придонес во унапредување на севкупниот систем за кризен менаџмент во државата, потврдувајќи ја репутацијата и довербата која ја ужива Црвениот крст во општественото опкружување.

Во годината што измина спроведовме голема национална кампања за прва помош за младите во основните и средните училишта, обезбедивме 58.000 единици крв за потребите на здравствените институции, работевме активно на подигање на свеста на младите за здравствена превенција од заразни и незаразни заболувања. Обезбедивме социјални услуги за давање помош на над 1.100 стари лица и лица со попреченост како и низа други активности за обезбедување на хуманитарна поддршка на лица изложени на социјални ризици.

Придонесовме во подигање на свеста за значењето на климатските промени и помагавме во справување со последиците од природни катастрофи кои за среќа не беа толку големи во изминатата година. Помогнавме 19.320 лица во движење (мигранти и нерегуларни мигранти и бегалци). Бевме активни на полето на дисеминацијата и промовирање на меѓународното хуманитарно право, обезбедување обуки и услуги за психолошка поддршка, воспоставување семејни врски и многу други активности. Сето тоа беше можно благодарение на поддршката на нашите партнери, како и 19.000 членови во нашата организација и 4.000 активни волонтери кои дадоа исклучителен придонес во имплементација на нашите услуги и активности.

Посебно не радува и нашиот процес наречен “Трансформација-28” кој официјално го промовиравме оваа година, кој траба да ни отвори нови видици во нашиот развој преку спроведување на промени во 24 области од нашето работење. Овие трансформации треба да дадат посебен придонес во унапредување на севкупните културолошки, организациски, програмски и дигитални аспекти во нашето работење со цел да ни помогнат да бидеме во чекор со новите трендови и општествени текови. Овој процес остава простор за многу нови партнерства и заеднички иницијативи во годините кои се пред нас.

Се што правиме, го правиме од срце и со многу љубов, со надеж да обезбедиме подостоинствен живот за луѓето кои се нашле во неволја. Се надеваме дека сите заедно во периодот пред нас ќе најдеме сила и мотивација кои ќе не сплотат да бидеме уште поефикасни и поодговорни во духот на основните принципи и вредности на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина и ќе продолжиме да носиме насмевки и надеж за подобро утре за нашите сограѓани како одговор на предизвиците на новото време.

Со посебна чест и задоволство сакам уште еднаш да ви се заблагодарам за соработката и поддршката во изминатата година, да ви ги честитам Божиќните и Новогодишните празници и да ви посакам многу здравје, среќа, љубов и професионални успеси.

Со почит,

д-р Саит Саити
Генерален секретар
Црвен крст на Република Северна Македонија

 

 

 

 

BOCA

Линија на интегритет

КРВОДАРИТЕЛСКИ АКЦИИ

2024

ПРИНЦИПИ

ХУМАНОСТ

Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.

ЕДИНСТВО

Во една држава може да има само едно национално друштво на Црвениот крст или Црвената полумесечина. Мора да биде отворено за сите и да ја извршува својата хуманитарна работа на целата територија во земјата.

УНИВЕРЗАЛНОСТ

Меѓународното Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во кое сите друштва што го сочинуваат имаат еднаков статус, одговорности и должности взаемно да се помагаат, делува во целиот свет.

ДОБРОВОЛНОСТ

Тоа е движење за давање на доброволна помош кое не е инспирирано од материјални побуди.

НЕУТРАЛНОСТ

Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.

НЕПРИСТРАНОСТ

Не прави дискриминација врз основа на национална, расна, верска и класна припадност или политичко убедување. Настојува да ги олесни страдањата на поединците, водејќи се исклучиво од нивните потреби но, давајќи приоритет на најитните случаи.

НЕЗАВИСНОСТ

Движењето е независно. Националните друштва иако делуваат како дополнение на хуманитарните служби на владите и се предмет на регулирање на националното законодавство, мораат да ја зачуваат автономноста за да можат да дејствуваат во секое време, согласно со принципите на Движењето.
https://www.facebook.com/CrvenKrstNaRepublikaSevernaMakedonijahttps://www.youtube.com/user/MacedonianRedCross

Црвен крст на Република Северна Македонија Сите права се задржани2025