Континуирана плодна соработка со Комерцијална банка АД Скопје
Црвениот крст на Република Македонија во соработка со Заводот за социјални дејности петта година во континуитет имплементира заеднички иницијативи за подобрување на социјализацијата на децата и младите со посебни потреби.
Од 2011 година Комерцијална банка АД Скопје е спонзор и наш партнер кој активно е вклучен во имплементација на проектните активности наменети за поддршка на децата и младите со посебни потреби.
Задоволството на банката од реализацијата на проектните активности и довербата кон Црвениот крст на РМ како сериозен партнер во имплементација на општествено корисни социјални програми се потврди со потпишување на новиот договор за спонзорство и поддршка на активностите и во 2013 година.
Во рамките на проектот на 20 февруари 2013 година во Црвениот крст на РМ беше организирана информативна работилница со претставници на 7 општински организации на Црвен крст, Црвениот крст на град Скопје, дневните центри за деца со посебни потреби и претставници на Заводот за социјални дејности, со цел да се дадат насоки за заедничка имплементација на активностите за подобрување на социјализацијата на децата со посебни потреби. Активностите ќе се реализираат преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвениот крст Прилеп, Кавадарци, Велес, Гостивар, Кичево, Делчево и Дебар.
Комерцијална банка АД Скопје како реномирана банка во земјата која во своето работење го практикува општественото одговорно однесување, како неделив дел од бизнис постоењето на компанијата, со поддршката на овој проект го потврдува континуитетот во напорите за развој и благосостојба на луѓето во заедницата.