ОТВОРАЊЕ НА ЕДУКАТИВЕН ТРЕНИНГ ЦЕНТАР на Црвен крст на РСМ за обука на возрасни во Скопје
Дозволете ми да се заблагодарам за Вашето присуство на денешното отворање на Едукативниот тренинг центар на Црвениот крст на РСМ за обука на возрасни во Скопје. Поддршка во опремување и функционирање на центарот е обезбедена од страна на Австриското Минисетрство за социјална работа, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, за што би сакал да искажам голема благодарност.
Црвениот крст како спроведувач на посебни програми за образование на возрасни верификуван од страна на Министерството за образование и наука, започнувајќи од 2017 година, во континуитет дава придонес во градење на системот на образование на возрасните во државата, обезбедува висок квалитет на учење и можности за стекнување на квалификации во согласност со потребите на населението.
Преку едукативните тренинг центри на Црвениот крст се спроведуваат посебни програми за неформално образование на возрасните за стекнување на знаења, вештини и компетенции и создавање на квалитетна и конкурентна работна сила на пазарот на трудот со што се придонесува во зголемување на вработливоста, а со тоа и придонес во економскиот, општествениот и личниот развој.
Црвениот крст на РСМ петта година во континуитет спорведува посебни програми за обука на возрасните кои се верификувани од страна на Центарот за образование на возрасните. Во 2017 година започна со првата програма за обука на негуватели на стари лица со која беа обучени 38 негуватели во Скопје. Во 2018 година преку Црвениот крст на град Скопје отворен е Нега центарот преку кој оспособените негуватели беа ставени во функција за испорака на услуги за нега и помош на стари лица во домашни услови.
Денес спроведуваме четири верификувани посебни програми за негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост, лична асистенција на лица со попреченост, палијативни негуватели за изнемоштени лица и асистенти за нега на лица од алцхајмерова болест.
Значајно е да се истакне дека Црвениот крст на РСМ покрај Скопје, посебните програми ги спроведува и во 16 општини во земјата преку едукативните тренинг центри на Црвениот крст, од кои 4 центри покриваат дополнителни 8 општини или со обуките се опфатени вкупно 24 општини. Обуките се поддржани од страна на партнери и донатори на Црвениот крст: Австрискиот Црвен крст, Австриската агенција за развој, Австриското министерство за социјална работа, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, УНДП, УНФПА, како и обуки кои се поддржани преку Агенцијата за вработување на РСМ во рамките на Активните мерки за вработување на Владата на РСМ. Оваа година обезбедена е поддршка за обуките и од страна на Министерството за труд и социјална политика, финансирани преку Светска банка.
Во изминатиот период, па се до денес, обучени се вкупно 750 невработени лица кои се стекнале со сертификат за соодветна квалификација (негуватели, лични асистенти). Обучените лица се ставаат во функција за испорака на квалитетни социјални услуги за граѓаните – давање на помош и нега на лица кои поради возраст, хронични болести, попреченост и др. причини се во состојба на изнемоштеност и неможност да се грижат за себе, како и лична асистенција на лица со попреченост со цел да се придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Со поддршка на Министерството за труд и социјална политика Црвениот крст на РСМ испорачува бесплатна услуга за стари лица и лица со попреченост преку Црвениот крст на град Скопје и 9 општински организации на Црвениот крст во земјата.
Црвениот крст со цел да биде достапен до пошироката јавност, започна со испорака на услуги за нега и лична асистенција и за граѓани кои можат да ја користат истата со одреден надомест, за да се обезбеди одржлив развој на социјалните сервиси.
На крај би сакал да истакнам дека доколку сакаме да се испорачуваат квалитетни социјални услуги за старите, изнемоштените лица, лицата со попреченост, тогаш мора да се ангажираат негуватели и лични асистенти кои ќе бидат квалификувани да ја испорачуваат услугата кон крајните корисници. Со зголемен број на едуцирани кадри се зголемуваат можностите да се опфати поголем број на граѓани кои ќе добиваат соодветна нега и помош во своите домови и во заедницата. Од друга страна пак ќе се влијае на неколку општествени придобивки – можност лицата кои се невработени да се стекнат со квалификација и да бидат по конкурентни на пазарот на труд, придобивки за вработување на ранливото население, и особено, со испорака на квалитетни социјални услуги ќе се влијае на подобрување на здравјето и добросостојбата на граѓаните во заедниците.