25 Qershor, 2013

„ЛЕТЕН КАМПУС 2013“

Во периодот од 12-21.06.2013 година во организација на Министерството за одбрана, односно   Воената  академија „Генерал Михаило Апостолски“  во Центарот за обука „Пепелиште“ по четврти пат се одржа „Летниот кампус 2013“. На овој настан од меѓународен карактер учество земаа питомци и студенти од Македонија, Велика Британија, САД, Косово, Црна Гора и Бугарија.

За време на академскиот дел од кампусот, Црвениот крст на Република Македонија, повторно зеде активно учество во организацијата на овој настан. Претставник на Црвениот крст, пред присутните ја презентираше „Улогата на Црвениот крст во пост-конфликтни операции“. Покрај теоретскиот дел, учесниците имаа можност заедно со инструкторите од ЦКРМ, да одржуваат практични вежби и да разработуваат најразлични сценарија, во кој се преплетуваат воените и хуманитарните активности. Учесниците имаа прилика да симулираат ситуации во кои преговараат со тимови од Црвен крст, со цел да се задоволат хуманитарните потреби на цивилите кои се засегнати од конфликтот.

Учеството на Летниот кампус 2013, претставуваше уште една шанса за зацврстување на континуираната соработка помеѓу Црвениот крст на Република Македонија и Воената академија  „Генерал Михаило Апостолски“  која ќе продолжи и во наредниот период.

Во завршниот дел од кампусот, предвидено е да се одржи Симулациска вежба, во која активно учество ќе зеде и Црвениот крст на Република Македонија со свои тимови.

< kthehu mbrapa